ФБИ трага по бугарската „крипто-кралица“, награда од 100.000 долари

Ружа Игнатова се нарече себеси „крипто кралица“ и тргна да ја промовира својата наводно нова дигитална валута, OneCoin. Таа успеа да ги убеди инвеститорите ширум светот да и испратат вкупно 4 милијарди долари, а потоа исчезна без трага. Сега ФБИ и е зад петите.

OneCoin, велат властите, бил измама. Во четвртокот ФБИ ја стави на второто место на листата на 10 најбарани криминалци во светот, неколку дена откако Европол го стори истото. Во известувањето на бирото објавено во четвртокот се нудеше награда од 100.000 американски долари за секоја информација што ќе доведе до апсење на г-ѓа Игнатова.

На прес-конференција во четвртокот, Демијан Вилијамс, американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк, ја нарече „меѓународен бегалец кој наводно организирал измама низ целиот свет“.

– Сега седи рамо до рамо на топ 10 листата покрај лидерите на картелите, убијците и терористите, рече Вилијамс и додаде дека тоа не е случајно.

Властите велат дека OneCoin била една од најголемите пирамидални шеми во модерната историја. Иако Игнатова тврдеше дека е поддржана од блокчејн, обвинителите рекоа дека не е така, дека таа ја измислила цената и дека монетите воопшто не се тргувале, пренесува NBC.

Кога Министерството за правда го разоткри обвинението против Игнатова во 2019 година, тогашниот помошник директор на ФБИ Вилијам Свини Џуниор рече: „OneCoin беше криптовалута која постоеше само во главите на нејзините креатори и нивните соучесници. За разлика од автентичните криптовалути, кои водат евиденција за историјата на трансакциите на инвеститорите, OneCoin немаше вистинска вредност. На инвеститорите не им нудеше начин да ги следат нивните пари и не можеше да се користи за купување ништо. Всушност, единствените кои имаа корист од неговото постоење беа неговите основачи и соучесници”.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *