Утре е Благовец ( Благовештение) – Нека е за многу години, за здравје и спасение!

Утре е Благовец (Благовештение) – Нека е за многу години, за здравје и спасение!

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка. Таков е и овој празник Благовештение. Со право го сметаат и за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.

Благовештението е истоименито со Евангелието. Тие носат исто име. Евангелие е Благовестие, Благовештение. Празникот така и се нарекува на грчки јазик: Евангелизмос, а на старомакедонски црковно-словенски јазик: Благовештение. Составено е од два збора: блага+вест, радосна вест.

Полното име на празникот е: Благовештение на Пресвета Богородица. Се сретнува, обично, во руски и црковно-словенски богослужбени книги и како Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. А бил именуван и како: Благовештение на Марија од ангелот, Зачнување Христово, Почеток на искупувањето, Почеток на спасението, Благовештение за Христа, а во VII век е усвоено името: Благовештение на Пресвета Богородица.

Света Дева Марија уште како мала, само на тригодишна возраст, ја однеле нејзините родители во храмот, за да Му служи на Бога, бидејќи така беше Му ветиле на Бога уште кога Го молеле да им даде дете. Таа останала таму цели дванаесет години и кога наполнила 15-годишна возраст, таа не смеела повеќе да остане во храмот, туку требало да се сврши и да стапи во брак. Таков бил Законот. Но, нејзиниот одговор бил поинаков и таа рекла дека не сака да се мажи, туку сака да Му се посвети на Бога.

Тоа ги збунило свештениците и додека тие се чуделе што да прават, а да не го прекршат Законот Божји, ете, Бог му открил на свештеникот Захарија, таткото на свети Јован Крстител, да повикаат дванаесет мажи од Давидовото колено, кои немаат жени и од нив да го одберат оној кому ќе му ја доверат Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и дадениот завет, а ќе се грижи за неа. Бог одбрал да му ја дадат на Јосифа од Назарет, којшто и бил роднина и бил на поголема возраст. Тој бил претходно оженет и имал деца со починатата жена, кои биле возрасни колку Марија.

За него ја свршиле и таа продолжила да живее и во неговиот дом, исто како да е во Соломоновиот храм. Времето го минела во молитва, читање на Светото писмо, богомислие и ракотворство: везење, плетење, ткаење и сл. Од дома не излегувала и световните работи не ја интересирале. Малку зборувала, а никогаш без потреба. Најмногу другарувала со ќерките на Јосиф. А кога се исполнило времето, Бог го извршил ветувањето и го испратил архангелот Гавриил да и каже дека таа ќе е Божјата Мајка.

На овој ден, девет месеци пред Божик, на света Дева Марија и се јавил архангелот Гавриил и ѝ ја кажал радосната вест – благовестието: дека таа ќе Го роди Спасителот на светот, ќе Го роди Бога во тело. Таа блага вест е светото Благовестие дека таа Го примила во своето пречисто тело телото на Бога Кој се воплотил – зачнал во нејзината утроба. Оттогаш таа постанува Богомајка. Црквата го посветува овој празник на Благовестието и на Богозачетието. Тоа е почеток на спасението. Почеток и на Евангелието. Таа вест е првото Евангелие = Благовестие, блага вест, радосна вест за спасението.

Химната на празникот – основната песна – тропарот, вели: Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева и Гавриил благодат благовестува. Затоа и ние со него да и воскликнеме на Богородица: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!“
Величанието, пак, воспева, велејќи: Со архангелски глас ти пееме, чиста: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!“ „Благодатна“ значи облагодатена, полна со благодат.

Настанот го опишува и Светото писмо и Светото предание. Во Евангелието според Лука се запишани зборовите на Благовестието и разговорот со архангелот (Лука 1, 26-38). А Светото предание кажува дека тогаш Света Дева Марија била во градот Назарет, во куќата на Јосиф и го читала Светото писмо, и тоа точно зборовите од Книгата на пророкот Исаија, кои пророчки велат дека „Девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог“ (Иса. 7,14; Матеј 1,23). Само што се израдувала на пророштвото и возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот, ете, нејзе и се јавил архангелот Гавриил и и кажал дека таа е девојката што ќе Го роди Спасителот на светот.

И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“
А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?“
И и рече ангелот: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството негово нема да има крај“.

Историјата на Новиот завет ја отворил архангелот Гавриил со зборовите: „Радувај се!“ Тоа значи дека Новиот завет е време на радост за луѓето, радост заради доаѓањето на Спасителот и за добиеното спасение. Со Благовец започнало времето на спасението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *