Се проширува листата на производи со „замрзнати “ цени

Mazedonien Preise Vergleich 

Листата на производи со замрзнати цени најверојатно ќе се прошири. Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека Владата размислува да ги замрзне и цените на оризот и јајцата, доколку се увиди дека цените во трговијата на мало и трговијата на големо се зголемиле во текот на ноември.

На владина седница треба да се разгледаат податоците од Заводот за статистика во делот на движењето на цените во трговијата на мало и големо и доколку е забележан пораст тогаш ќе се воведе проширената листа на продукти со замрзнати цени. Доколку биде донесена таква одлука, цените кои биле формирани од трговците од 1 декември ќе важат до 31 јануари и во меѓувреме нема да се зголемуваат.

„Цените од 1 декември ќе важат до 31 јануари 2022 година. Цените не може да се зголемат туку само да се намалат и затоа ние правиме напори да го зголемиме производството на електрична енергија, да нема ценовни шокови со електричната енергија и трошоците на претпријатијата да бидат помали“, изјави Бектеши при посетата на РЕК „Битола“.

Со тоа ќе се прошири веќе објавената листа на производи чии цени деновиве беа замрзнати со одлука на Владата. Замрзнати беа цените на: леб, шеќер, брашно, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, месо, сувомесни производи, сирење и урда.

Ограничувањето на цените на примарните производи на слободниот пазар е поттикнато од здравствената и енергетската криза во светот како и потрошувачката моќ на граѓаните.

Се намалуваат и цените на бензините 

Регулаторната комисија за енергетика одлучи за 3,5 денари да се намалат цените на бензините, а за три денари екстра лесното масло за домаќинство.

Од полноќ, Еуросупер БС-95 ќе се продава по цена од 71 денар за литар, Еуросупер БС-98 за 73 денари за литар, а дизелот за 63 денари за литар. Новата цена на екстра лесното масло за домаќинство ќе биде 62,5 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот се намалува за 3,016 денари за килограм и сега ќе изнесува 38,527 дененари за килограм. Намалувањето на цените на нафтените деривати се должи на падот на цените на светските берзи.Новите цени на нафтените деривати ќе важат до следниот понеделник кога Регулаторната комисија за енергетика повторно ќе одлучува за цените.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *