САСА ГИ ВРАТИ АПЛАУЗИТЕ НА ТРИБИНИТЕ ВО МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА

Каменица,28.Х.2017 (kamenica.mk)

Денес се одигра десеттото коло од Втората македонска фудбалска лига. Во Македонска Каменица се сретнаа ФК Каменица САСА и ФК Плачковица од Раовиш. На одличен терен и услови за игра тие одиграа солиден натпревар во кој домаќините успеаа на радост на домашната публика да слават со високи 4:1.


Резултатот го отвори одличниот Иван Митров на средината од прво полувреме, кога по одличниот центар шут од Виктор Марковски успеа со волеј удар да ја смести топката во гостинскиот гол. Со одентичен резултат од 1:0 се замина на полувреме.
Во вториот дел домаќините ја преземаа целосната иницијатива на теренот. Во 52 минута по еден навистина груб старт на самиот раб од шеснаестерецот врз Иван Митров, домаќините преку Зоран Златковски успеаа преку прекрасно изведениот слободен удар да го зголемат водството на 2:0. Гостите успеаа да го намалат резултатот во 65 минута, кога одбрамбената линија на САСА не успеа добро да го проигра својот голман. Гостите го искористија киксот  и лесно го намалија резултатот.


Натпреварот продолжи со иницијатива на САСА и во 76 минута Ријад Агуши одлично го проигра редовниот егзекутор за каменичани, Ефтим Аксентиев, кој од полуконтра и прецизен шут го постигна третиот гол за ФК Каменица САСА. Пред самиот крај на натпреварот нововлезениот Ангелчо Атанасовски успеа да дојде во неколку наврати во шанса за гол, а во 88 и да се запише во листата на стрелци, по една мешаница пред голот на гостите. Конечни 4:1 во Македонска Каменица помеѓу екипите на ФК Каменица САСА и ФК Плачковица од Радовиш. САСА има 8 бодови по десет одиграни кола и конечно за нив се наѕира излезот од дното на табелата. Каменичката публика, како во старите добри времиња го следеше натпреварот со воодушевување и аплауз како награда за одличната игра и убавата победа и натпревар што им ги приредија нивните миленици на теренот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.