Ролан Гарос (квалификации): Лина Ѓорческа на стартот против Кирине Лемон (25) од Холандија

Ждрепка по мерка, се чини, доби Лина Ѓорческа во квалификациите за Ролан Гарос што почнаа денеска со мечевите од првото коло во машка конкуренција. Прва пречка за најдобриот тениски рекет на Македонија ќе биде Кирине Лемон (25) од Холандија.

Ѓорческа, според костурот, ќе дебитира на париската прашина во среда, но Отвореното тениско првенство на Франција ќе биде нејзино трето гренслем искуство во кариерата. Премиерата на големите турнири ја имаше во 2016 година во квалификациите за Ју-Ес опен во кои загуби во првото коло од Американката Катрин Белис со 0:6, 2:6.

Второто учество на големата тениска сцена го забележа во квалификациите за Австралија опен во јануари оваа година. И тоа доста успешно. Во првото ја елиминира Сачија Викери од САД со 6:2, 3:6, 6:3, во второто ја совлада и Унгарката Далма Галфи со 6:1, 6:1 пред да биде поразена од Швајцарката Стефани Фогел, прва носителка, со 6:4, 3:6, 2:6.

Левораката Лемон е родена на 25 декември во 191 година во Воерден, Холандија. Професионалка е од 2008 година и досега има 14 ИТФ титули во поединечна конкуренција и 17 во двојки. Моментно е 160. на најновата ВТА ранг листа или 11 места подобро котира од Ѓорческа. На Ролан Гарос ќе настапи по вторпат на гренслем турнир по квалификациите за Австралија опен 2017 година што ги заврши на стартот.

Подобрата од дуелот меѓу Ѓорческа и Лемон во втората рунда ќе се пресмета со победникот од мечот меѓу шестата носителка, Каи Ченг Чанг од Кинески Тајпеј и Британката Тара Мур.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *