Проф. д-р Боце Митревски за Факултети.мк: Помалку „експерти“ на ТВ, повеќе научници и наставнички имунитет за решавање на проблемот со малиот интерес за наставна физика

Во услови кога училиштата кубурат со наставен кадар по физика, оваа академска година има само еден студент запишан во прва година на насоката наставна физика на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Намалениот интерес за студирање наставна физика е присутен неколку години. Физичарите велат дека ако незаинтересираноста продолжи, дефицитот ќе се продлабочи и државата ќе дојде во ситуација да нема кој да предава физика.

Најголем интерес за астрономија и астрофизика, а најмал за наставана физика

Од шесте студиски програми на Институтот по физика, најголем е интересот да се студира астрономија и астрофизика, а најслаб за наставна физика и геофизика и метеорологија. На што се должат ваквите состојби и кои се можните решенија, ги прашавме д-р Даница Крстовска, раководител и редовен професор на Институтот за физика при ПМФ, и д-р Боце Митревски, исто така редовен професор на Институтот и член на Друштвото на физичари на Македонија.

– Насоката астрономија и астрофизика е најактуелна можеби паради интересот на студентите за проучување на вселената, големиот напредок во оваа област со оглед на многубројните напредни техники, како и можноста нашите студенти по завршувањето на студиите на Институтот за физика слободно да го продолжат своето образование на некои од европските универзитети бидејќи нашите студии се целосно признати. Од друга страна, значително слабиот интерес за наставна физика и/или геофизика и метеорологија укажува на тоа дека најверојатно студентите не сметат дека ќе имаат просперитет во смисла на можностите што ги нуди државата, вработувањата и условите за работа – вели професорката Крстовска.

Физиката бара ментален напор, а општеството не го препознава како достигнување

Според професорот Митревски, факт е дека дипломиран физичар како кадар е дефицитарен, било инженери било наставници, а овие професии во нашето општество не се вреднуваат доволно.

– Проблемот со малиот интерес за студирање физика во поглед на причините е комплексен. Студирањето физика бара ментален напор, искрена желба, посветеност. Со таков проблем се соочуваат и универзитети во други држави, на пример, оние од поранешна Југославија, освен Словенија. Важен предуслов, исто така, е минимум познавање на содржини од математика и физика стекнати во основното и средното образование. Да се постигне таа цел, не е едноставно. Од друга страна, општеството и институциите не го препознаваат тоа како достигнување и не го вреднуваат доволно – вели Митревски.
Раководителката на Институтот, Крстовска, додава дека порано насоката наставна физика била многу актуелна за студентите, но сега сликата е поинаква.

– Моментално државата се соочува со недостиг на овој кадар и ако трендот продолжи, тој уште повеќе ќе се продлабочува и ќе еден ден ќе нема кој да предава физика во основните и средните училишта – вели таа.

Да се создадат услови нашите физичари од странство да се вратат и да работат тука

Наспроти ваквите состојби во високото образование, во средните училишта има интерес кај учениците за изучување на физиката, судејќи според високите резултати постигнати на меѓународните олимпијади по природни науки од каде што се враќаат со медали. Но, по завршувањето на средното училиште, мал број од тие ученици се студенти на Институтот за физика. Поголемиот дел заминуваат на студии во странство.

– Преку активностите на Друштвото на физичарите на Македонија (ДФРМ) и со поддршка од ПМФ многу средношколци успешно ја претставуваат Македонија на меѓународни натпревари, односно олимпијади. Еден дел од овие млади таленти заминуваат на странски универзитети и тоа не е спорно. Тие ќе поминат неколку години во друга средина, ќе стекнат знаење и способности, искуство, ќе се соочат со проблеми и предизвици во еден друг свет. Она што е поважно е да ги привлечеме, односно да овозможиме такви услови, таква средина и можности за тие да се вратат, да работат, да создаваат и да се борат со предизвиците во Македонија – додава Митревски, кој е дел од тимот професори што досега предводеле наши ученици на меѓународни олимпијади во странство и се враќале со големи успеси.

Повеќе на темата на: fakulteti.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *