Прво контрола, па реформа: Училиштата мора да го информираат МОН со што ги хранат децата

14 ноември 2017, 12:58 | Антонија Поповска
Прво контрола, па реформа: Училиштата мора да го информираат МОН со што ги хранат децата

МАКЕДОНИЈА

Основните училишта во државата од неодамна имаат обврска редовно да го информираат Министерството за образование и наука со што се хранеле учениците во тековниот месец 

 

Оваа пракса е воведена за надлежните да имаат увид во менијата што им се нудат на децата, oткако „Newsroom.mk“ преку серија написи откри дека децата во повеќе училишта добиваат храна што не е согласна со Правилникот за исхана.

Пред неколку дена, министерката Рената Дескоска изјави дека заедно со градоначалниците ќе се заложи да се преиспита квалитетот на храната што им се нуди на децата во училиштата. За ова мора да има законски измени, кои ќе бидат пуштени во собраниска процедура, а откако ќе се усвојат, ќе се казнуваат училишта кои нема да го почитуваат Правилникот за исхрана.

„Проблемот со исхраната на учениците е проблем што подолго време се провлекува заради тоа што некои градоначалници во склучувањето на договори за исхрана на учениците не ги почитувале одредбите од Правилникот донесен од МОН за тоа што треба да содржи исхраната на децата во училиштата“, рече Дескоска.

ЦЕНАТА НЕМА ДА БИДЕ КЛУЧНА

 

Правилникот, додаде таа, е направен од нутриционисти со даден сооднос каков тип на храна треба да им биде понудена на учениците.

„Размислуваме и за механизам што ќе врши контрола врз тоа дали се спроведува Правилникот во училиштата и ќе доставиме барање до учениците онаму каде што ќе се забележат прекршувања да бидат раскинати договорите со снабдувачите на храна“, рече Дескоска.

Директорите на некои училишта предупредуваат дека со оглед на искуството, потребно е да има законски измени со кои, ќе се избира фирма за храна, која ќе понуди и квалитетна исхрана за учениците, а не само најниска понуда. Во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, неколку години основците имаа храна подготвена од нутриционист.

„Искуството со нутриционистот беше добро, но имаше родители кои не го прифатија тоа. Не се работи само за количината на храната, која сметаа дека е недоволна, туку нутриционистот правеше посебно мени во кое, на пример, не се мешаат јаглехидрати со белковини, и слично. А имаме голем број на дебели деца, па кога детето дома на родителот ќе му каже дека не е најадено, тогаш има проблем. Генерално немавме лошо искуство со нутриционистот, иако имаше одредени реакции. Веќе немаме такво мени зашто заврши проектот кој беше реализиран во договор со општината“, вели Јовановски.

Во училиштето има училишна менза. Учениците имаат топол оброк. Има фирма која е избрана на јавен оглас и која подготвува храна. Родителите на децата плаќаат 2.100 денари месечно за храната што ја добиваат.

„Менито сега го прават двајца одговорни наставници и тројца претставници од cоветот на родители. Го даваат како предлог на фирмата и храната се готви во договор со неа. Одговорно ви тврдам дека досега не сме имале ниту една поплака за храната, од типот дека е најдено нешто внатре, или дека нешто конкретно е со помала грамажа и слично. Досегашното искуство покажало дека немаме случаи да не се испорачува тоа што е договорено. Редовно имаме седница на советот на родители, секојдневно јас и сите вработени сме тука за родителите“, додава директорот.

 

МОЖЕ ДА СЕ РАСКИНУВААТ ДОГОВОРИ

 

Ако има реакции од родители, ако има незадоволство и ако операторот со храна со кој училиштето има склучено договор, не испорачува квалитет, тогаш директорот на училиштето може во секое време да го раскине договорот. Начини за да се подобрат работите има.

„Ако се раскине договорот учениците ќе останат кусо време без храна, но тие сепак можат да распишат јавен оглас за итна набавка во тој меѓупериод додека се распише  нов тендер за избор на фирма. Значи начини има, треба само да работат совесно. Да знаат и градоначалниците и директорите дека здравјето на децата е пред сите бизнис интереси и на директорите и на училиштата“, потенцира Дескоска за „Newsroom.mk“.

 

ПЕТ ИНСТИТУЦИИ ЌЕ КОНТРОЛИРААТ ШТО ЈАДАТ ДЕЦАТА

 

Министерството за образование и наука, Агенција за храна и ветеринарство, Министерството за здравство односно Институтот за јавно здравје и Државниот пазарен инспекторат, во соработка со УНИЦЕФ, се институциите кои ќе контролираат што јадат децата додека се на училиште

Во Министерството за образование и наука најавуваат значително зголемени контроли во однос на квалитетот и безбедноста на оброците кои секојдневно ги консумираат учениците.

Најавите за зголемени контроли следуваат по серијата написи на „Newsroom.mk“, дека нашите ученици јадат евтина и неквалитетна храна во училиштните мензи.

 

РАБОТНА ГРУПА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ТЕМЕЛНИ КОНТРОЛИ

 

„Формирана е работна група која во соработка со УНИЦЕФ ќе направи план, како да се зајакне и зголеми контролата врз исхраната во училиштата. Ќе контролираат сите надлежни здравствени институции, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН) нема ингеренции кога станува збор за храната. Ова мора да се реши интерресорски. Овојпат темелно ќе се следи сè што јадат децата, зашто нивното здравје е најважно“, вели министерката Рената Дескоска.

Таа потсети дека има Правилник за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта.

„Тој мора да се почитува во секој сегмент. Кој нема тоа да го прави, треба да знае дека ќе си има проблем. Дури и наставниците ако забележат нешто во храната на децата или увидат дека таа не е добра, треба да алармираат и да реагираат “, додава таа.

 

НЕДОПЕЧЕНИ КИФЛИ, ПОМАЛИ ГРАМАЖИ, ОТПАД ВО МАНЏИТЕ…

 

Недопечена кифла, грамажа на храната помала од пропишаната, остатоци од разни предмети во храна, отпад од намирниците за готвење, се само дел од недоследностите кои се случуваат во некои училиштни мензи. Некои родители реагираат дека децата не им се најадени, други велат дека не се почитува менито кое го имаат, односно дека наместо палента и јогурт за доручек, децата јаделе крем полн со шеќери и леб.

Leave a Reply

Your email address will not be published.