Писателот Киро Донев – добитник на признание за придонес во литературата за деца на МФ „Јаков од Камена Река“ – Македонска Каменица

Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ Македонска Каменица започна со претставување на добитниците на признанија во областа на печатарската дејност, промоцијата на македонската култура, литература и книжевност.
Признание за придонес во литературата за деца ќе добие писателот за деца и млади, Киро Донев.
Роден е 1942 година во село Моноспитово, Струмичко. Член на Друштвото на писатели на Македонија од далечната 1970 година.
Неговиот богат авторски опус опфаќа четириесетина книги за деца и млади: збирки раскази, поезија, романи, сликовници, како и повеќе ТВ и радио драми за деца и млади. Целиот свој работен век го минува во Редакцијата на „Детска радост“ при НИП„Нова Македонија“, прво како новинар, потоа уредник, главен и одговорен уредник, за на крај да се пензионира како директор на оваа куќа. Неколку од неговите дела за деца се лектирни изданија во задолжителната програма во основните училишта. Негови дела се преведени на повеќе јазици( српскохрватски, турски, бугарски, украински, албански).
За своето творештво има добиено повеќе награди и признанија: „Ванчо Николески“(ДПМ) за најдобра книга за деца, „Курирче“- Кичево, Марибор, „Струшко изгрејсонце“, “Гоцева повелба“-Подгорци. Во 2000 г. неговата книга „Зошто Јанинка не оди во градинка“ беше прогласена за најдобро издание од литературата за деца на Меѓународниот саем на книгата во Скопје. Во 2019 ја доби наградата „ Големиот принц“ на Меѓународниот фестивал„Биди дете“, а истата година е и најпреведуван македонски автор.
Денес живее во родното Моноспитово.

Leave a Reply

Your email address will not be published.