ОСНОВЦИТЕ БЕЗ МАСКИ НА УЧИЛИШТЕ И ГОСТИТЕ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ БЕЗ СЕРТИФИКАТ

Учениците од основните училишта се ослободуваат од носењето маски, но мерката останува за наставниците и техничкиот персонал, капацитетот на исполнетост на затворени објекти, како опери, театри, кина се зголемува од 50 отсто на 75 проценти и се укинуваат сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти.

Ова се трите мерки усвоени од Комисијата за заразни болести, кои таа ќе ги препорача на Главниот кризен штаб и на усвојување од Владата.

– Денеска имавме редовна седница на Комисијата за заразни болести на којашто прво ја разгледавме епидемиолошката состојба од минатата недела и врз основа на бројките од минатата недела, но и на оние критериуми кои ги спомнавме во соопштение минатиот пат со коишто се обидуваме да ја објективизирање процената на епидемиолошкиот ризик донесовме три мерки во согласност со тој нов алгоритам на процена на ризикот, изјави претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.

 

Тој посочи дека на учениците не им е забрането носењето маски во училиштата, доколку сметаат дека треба да ги носат.

– Право на избор е. Ако некој сака да носи маска, има дома возрасни членови на семејството и сака да ги заштити, не е забрането да носи маска, но задолжението, обврската ја укинуваме. Нема обврска за задолжително носење на маски во училиште, појасни Петличковски.

Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ рече дека засега начинот на изолација останува ист, а мерките ќе се олабавуваат или заоструваат во зависност од епидемиолошката состојба.

– Доколку увидиме влошување на епидемиолошката состојба или зголемување на епидемиолошкиот ризик, тогаш може повторно на сила да се вратат истите мерки. На ваков начин, постепено олабавувајќи ги мерките согласно епидемиолошкиот ризик, доколку успееме да ја контролираме на терен епидемиолошката состојба, сметаме дека можеме не се доведеме во ситуација како што се доведоа земјите како што се Австрија, Германија, Велика Британија и Данска каде што имаше нагло зголемување на бројот на новозаразени, на хоспитализации и на починати, истакна Мехмедовиќ.

Во однос на вакцинацијата, Петличковски рече дека, апсолутно ќе се посветат на нејзино рекламирање, како најдобар начин за справување со пандемијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *