На денешен ден 1945 година се случил првиот учебен ден на македонски јазик во Македонија

Шести февруари 1945 година е првиот учебен ден на македонски јазик што се одржал во битолската гимназија, и тоа е првото средно училиште во тогаш ослободената Република каде почна да се одржува настава на македонски јазик.

 

Ова е училиште од чиишто клупи излегоа мноштво борци и ги положија сопствените животи за слободата, а ние горди на нив, и денес со пиетет ги спомнуваме. Македонскиот јазик е наша единствена определба, патоказ за нашето себепрепознавање вчера, денес и утре, потврдува и сегашната генерација наставници и ученици во средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито” – Битола.

Во предвечерието на 6 февруари 1945 година, во старата зграда на гимназијата, во горниот дел на градот (ден-денес нашироко позната како Горната гимназија), по ослободувањето и со одлука на Поверенството за просвета, објектот го напуштаат партизани учесници во народноослободителната војна, и се создаваат услови за реализација на гимназиско образование на мајчин, македонски јазик.

На 1 јануари 1945 година бил одржан првиот наставнички совет со кој претседавал тогашниот директор Орде Печијаре, а откако учесниците, наставниците зеле заклетва за верна служба донеле одлука гимназијата да биде отворена на 5 февруари, а следниот ден, на 6 февруари да почне редовна настава на македонски јазик.

Според зачувана документација во гимназијата, пред директорот Орде Печијаре, сите наставници дале заклетва за верност во службата, а во согласност со писмото на поверенството, одлучиле гимназијата да се вика „Гоце Делчев”. За паралелките, вкупно 13 со 572 ученици, било одлучено да бидат мешани, односно заедно да учат женски и машки ученици. 

На свеченото отворање прв зборувал првиот директор на Гимназијата, Орде Печијаре.

Тој објавил: Гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз! Потоа претставници на партизанските одреди и народната власт зборуваа за значењето, задачите и улогата на гимназијата во ослободената татковина. На големиот, историски настан во Битола, првпат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ”, „Бисера”, „Голапче” и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонски народни песни, ги растреперија срцата на присутните. Првата учебна година заврши на 20 јуни 1945 година.

Гимназиско образование во објект со темели од 1892 година

Денешната гимназија „Јосип Броз Тито” е во објект чии темели датираат од 1892 година, зграда која во тоа време му припаѓала на богатиот битолски бег Сали-паша. Во гимназијата се образовале ученици од целиот Битолски вилает. Учениците кои не биле од градот, престојувале во интернат кој бил во рамките на самото училиште.

По ослободувањето, отворањето на Гимназијата има големо значење не само во тоа што со наставно-образовниот процес младите се подготвувале за одење во виши и високи школи, и со тоа задоволување на потребите од високообразовен кадар во стопанството, туку и создавање кадар за општествените дејности и посебно учители. Во учебната 1951/1952 година, со решение на Републичкиот совет за просвета, гимназијата е поделена на нижа гимназија и го добива името „Никола Карев”, и на виша гимназија, која го задржала дотогашното име „Гоце Делчев” сè до 16 декември 1952 година кога Советот за просвета, наука и култура – Битола одлучува гимназијата да се преименува во „Јосип Броз Тито”. Така е и денес.

Битолчани велат дека објектот е гнездо на талентирани и успешни ученици, кои благодарение на солидната основа стекната во гимназискиот наставен процес, во понатамошниот живот и професионална кариера се потврдиле како истакнати граѓани.

Угледот и успесите на гимназијата и гимназијалците се потврдени со бројни награди, признанија и одликувања, меѓу кои Орден за заслуга за народ со златна ѕвезда во 1976 година, а истата година гимназијата ја добива и наградата „Климент Охридски” за посебни остварувања во воспитно-образовната дејност од посебно значење во СР Македонија. Гимназијата „Јосип Броз Тито” во два наврати го добива највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември”. Во витрините на гимназијата има недоброј пехари, медали и дипломи за успесите на учениците постигнати на национално и интернационално ниво.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *