Македонија одбележува 32 години независност

Денот на независноста годинава се одбележува под мотото „Гласник на слободата“

На 8 септември 1991 година, 95 отсто од граѓаните на Македонија на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Меѓу поважните датуми од патот кон независноста кои му претходеа на референдумот се 25 јануари 1991 кога првиот состав на повеќепартиско Собрание усвои Декларација за независност, а два дена подоцна го избра Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

По референдумот, пак, на 17 ноември 1991 беше усвоен Уставот, а следуваше и монетарно осамостојување и воведување на денарот на 26 април 1992.

Денеска, 32 години независност државата одбележува под мотото „Гласник на слободата“.

Активностите стартуваа синоќа во Скопје со свечена академија на тема „32 години независност“ на која се обрати премиерот Димитар Ковачевски.

За денеска, пак, се предвидени бројни активности. Во Градскиот парк во Скопје, на просторот во близина на локацијата „Школка“, пак, ќе се одржи тактичко-показни вежби на единиците на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, а на „Школка“ е предвидена и културно-уметничка програма.

Од 11:00 часот во целата држава, ќе почне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“ во рамки на која ќе се обезбеди бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.

Кинотеката на Македонија, пак, ќе ги прикажува македонските филмови „Медена земја“ (18 часот) и „Исцелител“ (20 часот).

Националната опера и балет, исто така, се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20:00 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *