Лозјето во Италија започна со пролетното празнење на Македонска Каменица и другите градови од Источна Македонија

Македонска Каменица,19.Април 2017

www.kamenica.mk

Лозјата во Италија полека ја празнат Македонска Каменица и другите градови од крајниот Исток на државата. Иста е ситуацијата и во соседните Делчево, Виница и Кочани. Со бугарскиот пасош в џеб и торби полни храна илјадници жители на овие градови заминуваат на работа на лозјата во Италија, објави Телевизија Стар.

Меѓу нив е и невработениот Сашко од Делчево кој веќе трет пат оди сезонски на работа во Италија.

„Одам да печалам. Овде нема иднина“, вели Сашко Ѓеоргиевски.

За еден месец овие луѓе ќе можат да заработат и по 2 илјади евра, пари за кои овде треба да работат и по цела година. Многумина од нив, вработени и во јавна администрација земаат неплатено остуство за да заминат на печалба.

Сепак, најтешко им е на оние кои остануваат:
„Внуците ги испраќаме, ќе работат по Италија“, вели Давчо Петровски.
„Нашите деца се во Чикаго, 8 години не сум ги видела“, рече Перса Петровска.
„Чекам пакети од Италија, момчето и синот ми се таму“, рече делчевка.

Дека сезоната за работа по италијанските лозја го празни истоков, сведочат и од транспортната фирма, која е само една од неколкуте фирми кои врши превоз на сезонски работници. Овие луѓе сведочат дека само во една област во Италија, има околу 40 илјади Македонци, а неофицијално во Италија има околу 130 илјади Македонци.
“Досега заминаа 200 луѓе од Каменица и Делчево, најмногу Виница, имаме најави за уште два автобуси в сабота. Одат за Алба, Канели“, кажа Тони Богатинов.

Сезоната за работа по европските лозја започнува од Италија по што голем дел од овие сезонски работници заминуваат на работа и по швајцарските лозја, каде работата по плантажите е добро платена, за десет часа работа се заработува околу 160 франци. Сезоната на работа по лозјата за овие сезонски печалбари ќе трае до октомври, кога дел од овие луѓе ќе се вратат, но колку ќе останат?

извор: Телевизија Стар Штип

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *