Колку часа треба да спиеме за добро здравје на срцето?

Недостатокот на сон може да има негативно влијание врз здравјето, зголемувајќи го ризикот од проблеми како што се замор, намалена концентрација и меморија, па дури и хронични болести како срцеви заболувања.

 

Ова го потврди неодамнешното истражување во кое беа опфатени еден милион луѓе во шест земји. Студијата покажа дека спиењето помалку од седум часа го зголемува ризикот од развој на висок крвен притисок за 7 отсто, а помалку од пет часа го зголемува тој ризик за 11 отсто.

Наодите, претставени на годишниот научен состанок на Американскиот колеџ за кардиологија во САД, покажаа дека жените се изложени на поголем ризик од мажите, пренесува The Mirror.

Водечкиот истражувач на студијата, д-р Кавех Хосеини, рече: „Колку помалку спиете, толку е поголема веројатноста да развиете висок крвен притисок во иднина. Она што го гледаме е дека недостатокот на добри модели на спиење може да го зголеми ризикот од високиот крвен притисок, за кој знаеме дека може да влијае на срцевите заболувања и мозочниот удар“.

За целите на студијата, научниците прегледале податоци од 1.044.035 луѓе од шест земји кои немале висок крвен притисок на почетокот на студијата.

Во просек, тие беа следени во период од пет години. Кога биле земени предвид факторите како што се ризикот од срцеви заболувања, полот, образованието, пушењето и тежината, тимот на истражувачи открил дека краткото времетраење на спиењето е поврзано со поголем ризик од висок крвен притисок.

Националната здравствена служба (NHS) препорачува возрасните да спијат помеѓу седум и осум часа навечер. Истражувачите рекоа дека луѓето треба да разговараат со својот општ лекар или со здравствените работници за нивните шеми на спиење, бидејќи состојбите како опструктивна ноќна апнеја се поврзани со повисоки стапки на висок крвен притисок, мозочен удар и срцеви заболувања.

Д-р Хосеини заклучил: „Се чини дека премалку сон е поризично кај жените. Разликата е статистички значајна, иако не сме сигурни дали е клинички значајна и треба дополнително да се проучува“.

извор: kajgana.com

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *