Изумира најмладата светска нација. Војниците го колат населението со ножеви за да заштедат на куршуми

Жените и децата во Јужен Судан наводно ги колат војници кои користат ножеви за да ги заштедат куршумите, пренесува Индипендент.

Бруталниот конфилкт кој ОН го нарекува етничко чистење предизвика и глад која им се заканува на милиони жители.

Една жена, која успеала да избега од земјата, ја раскажала својата приказна на организацијата за правата на децата „Да ги спасиме децата“ (Save the Children).

Таа гледала како војници ѝ ја убиваат најдобрата пријателка и нејзините деца, вклучувајќи и тримесечно бебе.

„Ве грабнуваат од дома и ви го сечат грлото. Малите деца ги прободуваат и тие умираат подоцна. Гледав како врзуваат мали деца за мртвите мајки и така ги фрлаат во река“, изјавила Силвија.

Минатиот месец во некои делови од државата е прогласена вонредна ситуација поради глад. Обединетите нации предупредија дека речиси половина од населението нема да има извори на храна до јули, доколку кризата продолжи.

Граѓанската војна почна во 2013, кога претседателот Силва Киир го отпушти својот заменик Риек Мачар. Од тогаш во борби, колежи и палења на села умреа десетици илјади луѓе, низ земјата се прошири глад и три милиони луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

Во извештајот поднесен во вторникот во Советот за човекови права на ОН во Женева се заклучува дека владини и невладини сили ги напаѓаат цивилите врз основа на етничкиот идентитет. Ги убиваат, грабнуваат, групно ги силуваат и ги напаѓаат „во епски размери“.

Една од преживеаните жртви изјавила: „Една жена може да ја силуваат десет мажи. Не е проблем ако умре. Ако сте жена, ве силуваат и ве убиваат“.

Истражувањето на ОН покажало дека дури 70 отсто од жените кои живеат во „камповите за заштита на цивилите“ се силувани, главно од војската и полицијата, а околу 80 отсто биле приморани да гледаат малтретирање на други луѓе.

Претседателката на Комисијата за човекови права на Јужен Судан, Јасмин Соока, побара итно почнување истраги и поднесување тужби.

Обединетите нации предупредија дека „постојат јасни индикатори за геноцид“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *