ИВИЦА КРСТОВ ОД ТРКАЊЕ ПРОИЗВЕДЕ ТИКВИ СО ОБЕМ ОД ДВА МЕТРИ И ТЕЖИНА ОД НАД 70 КИЛОГРАМИ

ИВИЦА КРСТОВ ОД ТРКАЊЕ ПРОИЗВЕДЕ ТИКВИ СО ОБЕМ ОД ДВА МЕТРА И ПРОСЕЧНА ТЕЖИНА ОД НАД 70 КИЛОГРАМИ

10.10.2022 – Tикви со рекордна големина и тежина произведе младиот земјоделец Ивица Крстов од кочанското село Тркање. На нива со површина од околу еден декар добил производи чиј просечен обем е два метра и тежина од над 70 килограми по парче.

Наместо ориз, нивата ја засеал со тикви и други градинарски култури, со цел да обезбеди храна за потребите на семејството и на добитокот што го чува, но не се надевал на изненадувачки добар принос што ќе ги надмине очекувањата.

-Од најмала возраст се занимавам со земјоделство и сточарство, што е традиција во нашето семејство.. Имам 11 крави и неколку телиња, а чував и десетина свињи. Вообичаено, како и секаде во кочанскиот регион, најмногу одгледуваме ориз, но минатата година се разочарав од ниските откупни цени и тешкиот пласман, па решив годинава, пробно на една нива, да посеам тикви, домати, грав, пипер и компири, колку за домашните потреби. Семето за тиквите го донесе брат ми од Словенија, но тоа беше вообичаено пакување какво што се продава во трговијата. Не очекував дека за само неколку месеци ќе добијам производи чија големина ги изненадија сите во семејството и во селото. Кога ги меревме, најмалата тиква тежеше околу 70 килограми и моравме двајца-тројца да ги качуваме во тракторот, истакнува Крстов.

Нивата на која го добил рекордното производство само ја изорал, ја третирал против плевели и го засеал семето од тиквите.

-Не применував никакви посебни агротехнички мерки, наѓубрив со 50 килограми мешавина од вештачко ѓубриво и една вреќа од 25 килограми со уреа на површина од 12 ара и тоа беше сè. Ниту имаше окопување или некаква хемиска заштита со хербициди и пестициди, а со оглед што бев ангажиран со другото земјоделско проиизводство и со кравите и свињите, немав многу време да им посветам на градинарските производи, Кога отидовме да ги извадиме компирите од земја, останавме вчудовидени од големината на тиквите, кои ја прекриле целата нива, додаде Крстов.

Планирал тиквите да ги искористи како храна за свињите, но поради африканската чума превентивно му биле уништени сите грла и сега нема што да му прави на родот. Половината од нив веќе им ги подарил на соселаните, кои ги изложиле како природен украс во своите дворови.

За идната година Крстов повторно ќе засади тикви, но на поголема површина, со надеж дека рекордот ќе се повтори и ќе има доволно за производство на сточна храна.

Извор: Канал Осум/Т. Ајтовски

Leave a Reply

Your email address will not be published.