Загубивме 20 години и многу животи. Имаме најлоши патишта на Балканот

Македонија преспа две децении и додека сите земји во регионот градеа автопати, ние се занимававме со политика и со градење на некои мали патчиња заради добивање поени од локалното населени, вели универзитетскиот професор од областа на патиштата Вулнет Палоши во разговор за „Слободен печат“

– Во бивша Југославија, во Македонија се форсираше патната инфраструктура, но во изминатиот период, таа ниту се одржуваше, ниту се надградуваше. Сите околу нас градеа. Па видите Албанија каков автопат направи! Ние требаше да бидеме крстосница на Балканот. Ја загубивме нашата можност да станеме носител на Коридорот 8, иако тоа го можевме. Тука нема враќање. Но затоа мора да се види што ќе се прави во иднина. Не е доволно само да има нов министер за транспорт и врски. Потребни се темелни промени и реформи во институциите за да тие си ја вршат својата работа – вели Палоши.

Палоши нагласува дека автопатот Скопје – Тетово е изграден пред 15 години, а на него ништо не е интервенирано.

– Рок на еден автопат е 20 години. Затоа, по 5 години тој почнува со редовно одржување секоја година. Постои тековно и инвестициско одржување. За инвестициско, може да се разговара за тоа дали постојат пари, или не. Но, за тековно воопшто не смее да се разговара. Постои законска обврска за такво одржување. ЈП за државни патишта зема пари од патарини, зема пари од регистрација на возила и тоа мора да има пари за да ги пополни нерамнините на автопатот и за да не се случува по автопати да се прават езерца, како што се прават – вели Палоши.

Палоши нагласува дека е недозволиво покрај автопатите да има искинати мрежи и да претрчуваат животни.

– Не е само нешто да се нарече автопат, туку тоа што ќе се изгради како автопат, мора така и да функционира. Друго прашање е пак како се градат автопатите, со какви материјали. Обиколницата за 10 години по секој мост и надвозник попушти – вели Палоши.

Што се однесува до патарините кои се поставени на блиско растојание и кои создаваат пречки во сообраќајот, Палоши вели дека ова прашање мирува 20 години, без да се размисли за поефикасно решение.

– Најдобро би било да нема патарини. И сега еден дел од парите за регистрација на возила одат за автопатите, можно е тој износ да се зголеми и така дополнително да се обезбедат пари. Притоа, за странците , можно е при влез, на граница, да им се наплатува одреден износ за патиштата. Но, ако веќе не се напушта системот со патарини, тогаш треба барем да се воведе електронска наплата – вели Палоши.

Според Палоши, на сегашните автопати во Македонија не е изводлив таканаречениот затворен систем на наплата, каде што регистрирањето на возилото се врши при влез на автопатот, а наплатата се врши при излегувањето од автопатот, со што се добива наплата зависно од користени километри, затоа што на автопатите кај нас има многу приклучоци. Колку за илустрација, Палоши го наведува примерот со автопатот Тетово-Гостивар каде има дури 11 приклучоци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *