Доделени наградите од Литературниот конкурс по повод Месецот на книгата во Делчево

Во Делчево се доделени наградите од Литературниот конкурс кој по повод Месецот на книгата го организираше Јавната локална библиотека „Илинден“. Како што ифнормираше директорката Билјана Петровска, на конкурсот пристигнале прекрасни творби поради што библиотекарите имале тешка задача да ги изберат најдобрите.

-Избравме три најдобри творби од поезија и проза на тема „Сабји нека ти бидат мислите, а книгата целта“. Првите места во овие категории им припаднаа на Сара Ангелова со менторот Милка Стоилкова и Јана Попова со менторот Билјана Стоиловска. Како библиотека, се надеваме и посакуваме и понатаму да имаме добра соработка со основните училишта во градот, со наставниците по македонски јазик и секако со сите ученици кои го сакаат убавиот пишан збор и сакаат да творат, рече Петровска.

За Јана Попова, наградата ќе биде мотив и понатаму да учествува на вакви и слични конкурси.

-Големо задоволство ми е што добив награда. Со пишување се занимавам многу одамна, а ме привлече темата на конкурсот, затоа решив да се пријавам. Упатувам голема благодарност до Јавната библиотека за наградата, изјави Попова.

Според менторите на наградените ученици, без разлика на наградите, важно е дека децата сакаат да читаат и умеат да творат, а ваквите настани се одлична можност да го покажат целиот свој творечки потенцијал.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *