Денеска е Велики петок – најтежок и најтажен ден во годината за христијаните

Денот кога Исус Христот бил распнат на крстот, Велики петок (Распет петок) се смета за најтажниот ден во христијанството и најтежок празник. Верата налага строг пост, само на вода, а  верниците треба да се воздржуваат од веселби и прослави. Во црквите се читаат извадоци од евангелијата кои ја опишуваат Страдалната недела на Исус.

Велики петок е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок. Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа. И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…“. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“ По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.

Велики петок уште се нарекува и Распет Петок.  Во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Пред „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) верниците се поклонуваат и го бакнуваат Спасителот во раните на нозете.

На Велики петок треба да им се помогне на оние кои имаат потреба од помош и да се посетуваат и негуваат болните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *