Граѓаните на Кочани ќе започнат со двочасовни протести пред фабриката „Пејпр мил“

 

Граѓани на Кочани ќе почнат секојдневни двочасовни протести пред влезот на компанијата „Пејпр мил“ поради загадувањето на воздухот од фабричкиот оџак.

Иницијативата потекнала од семејствата кои живеат во близина на фабриката, а поддршка и најава за вклучување во протестите има и од другите жители на градот и пошироко.

-Се работи за чиста граѓанска активност, без вклучување на здруженија или политички субјекти. Сакаме да го свртиме вниманието, и на пошироката јавност и на надлежните државни и локални органи, дека проблемот со чадот од оџакот на фабриката за хартија во Кочани не е решен, без разлика што со години наназад укажуваме на тоа. Протестот ќе биде уредно пријавен до надлежните, а ги повикуваме граѓаните да ни се придружат, за конечно да се стави крај на загадувањето од фабриката. Апелираме до институциите да ја вршат работата за која се платени и да ги заштитат граѓаните на Кочани од несовесното работење на „Пејпр мил“, истакна Александар Симеонов, член на иницијативниот одбор на протестот.

Блокадите на влезот во фабриката ќе се реализираат во периодот од 16 до 18 часот, а доколку нема реакција од надлежните, граѓаните најавуваат протест од пошироки размери со помасовно учество.

Граѓанските реакции во изминатите неколку години придонесоа за зачестени контроли во „Пејпр мил“ и вградување дополнителен филтер во оџакот. При последниот инспекциски надзор, што минатото лето го направи Државниот инспекторат за животна средина, на фабриката ѝ беше даден рок за сведување на емисиите на штетни честички во воздухот во рамки на законските вредности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *