Градоначалникот Илијев избран за претседател на Советот на градоначалници од Истокот

21.11.2017  Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев во наредниот двегодишен период ќе биде претсдеател на Советот на градоначалници од Истокот.

Таква е одлуката од првата, конститутивна седница на Источниот плански регион, на која присуствуваа сите 11 градоначалници од општините од регионот, како и заменик-минiстерот за локална самоуправа и претставниците од Центарот за развој на ИПР.

Присутните на состанокот дадоа едногласна поддршка на предлогот според кој е постигнат џентлменски договор меѓу градоначалникот на Штип, Благој Бочварски и градоначалникот Илијев, претседаталската позиција во првите две години да и припадне на општина Кочани, а во следните две на општина Штип.

Според Илијев, функцијата што ја добива е дополнителна обврска и одговорност пред сите граѓани од Истокот кои се надеваат дека конечно регионот ќе излезе од ниското ниво на развој и ќе запре исселувањето на младите.

– Очекувањата на граѓаните од Истокот, како што веројатно е и во цела Македонија, се големи, затоа оттука и нашите обврски ќе бидат многу големи. Моите очекувања се за добра соработка со моите колеги, јас ќе бидам прв меѓу еднаквите кој ќе се бори за секој проект, за секоја идеја што ќе придонесе за подобар живот и подобар развој на Истокот, кој подолго време е запоставен. Веројатно ова ни е една од ретките, не сакам да кажам и последна шанса да направиме еден чекор повеќе, да се надминеме сите заедно и да направиме резултати и проекти со кои ќе успееме дел од луѓето кои останаа да ги задржиме, а да работиме и на можни варијанти за создавање на услови дел од нив кои ја напуштија оваа земја и регионот, да се вратат и да дадат придонес во развојот на државата, рече Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

На конститутивнбата седница на Источниот плански регион заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески вети дека регионот ќе добие повеќе пари од државата за да може да го забрза својот развој.

– Министерството за локална самоуправа заедно со Бирото за рамномерен регионален развој за 2018 година ќе издвојат значително повеќе средства за рамномерен регионален развој, отприлика околу 6 милиони евра. Меѓутоа, во исто време сакам да посочам дека Владата на Република Македонија ќе работи напорно во наредниот период да ги алоцира средствата од сите министерства кои што ќе се издвојуваат за рамномерен регионален развој и по критериуми што ќе значат помагање на оние региони на кои навистина им треба најмногу помош, рече Дејан Павлески, заменик-министер за локална самоуправа.

Павлески додаде дека очекува наскоро да се достигне и предвидената сума според Законот за рамномерен регионален развој која треба да изнесува 1% од БДП, односно околу стотина милиони евра.

Според него, најголеми разлики во развојот има меѓу главниот град и другите региони во државата, но и меѓу урбаните градски и руралните селски средини, поради што апелираше до градоначалниците да внимаваат на тој проблем, за да се намали исселувањето на населението.

Leave a Reply

Your email address will not be published.