Воведен бесплатен хеликоптерски транспорт за најитните случаи

Министерот за здравство, Фатмир Меџити и заменик министерката за здравство, Маја Манолева, денеска присуствуваа на презентацијата на хеликоптерот со новата опрема за итна медицинска помош.

Во изјава за медиумите, Меџити нагласи дека се прави еден значаен исчекор за нашите граѓани, за заштита на пациентите и за осовременување и усовршување на здравствениот систем.

„Со оваа соработка помеѓу двете Министерства за здравство и внатрешни работи, овозможуваме заедничко дејствување на припадниците на хеликоптерската единица при МВР и здравствените установи, односно употреба на хеликоптер за транспорт на пациенти. Хеликоптерот има медицинска опрема за воздушен транспорт, а ГОБ 8 Септември ќе овозможува искусен стручен тим за придружба на пациентот. На овој начин овозможуваме подобра заштита како и побрз транспорт на пациентите до здравствените установи. Драго ми е за соработката, која уште повеќе ќе унапредува и ќе се обидеме понатаму да ја развиваме, а граѓаните на Северна Македонија треба да знаат дека секогаш сме овде за нивните потреби“, рече Меџити.

Заменичката Манолева информираше дека опремата опфаќа монитори за следење витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и други медицински инструменти.

„Дополнителна опрема ќе се обезбедува во зависност од дијагнозата на пациентите кои ќе има потреба да се транспортираат. Покрај со медицинска опрема, хеликоптерот е екипиран со доктор и медицинска сестра. Транспортот е целосно бесплатен за пациентот, а за потребата од ваков транспорт ќе врши стручна проценка директорот на установата од каде примарно е пациентот, како и според итноста на состојбата. Нашата тенденција е во иднина да се формира и посебен call центар одговорен за координација, како и да се прошири проектот со вклучување повеќе центри“, изјави Манолева.

Утрово, беше изведен пробен лет од Градската општина болница „8 Септември“ – Скопје до Клиничката болница Битола како една од пооддалечените точки.

Leave a Reply

Your email address will not be published.