БАСКЕТ КАМ ИСПИША ИСТОРИЈА – ГО ОДБРАНИ ТРОФЕЈОТ И ГИ ОБЕДИНИ ТРИТЕ ТИТУЛИ ВО МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА

Девојките од Македонска Каменица беа подобри од Вардар и во третиот натпревар од финалето, славеа со (77:74)

 

Екипата на баскет кам 2011 е ново-стар шампион на Македонија во женска сениорска конкуренција, откако вечерва, во третиот натпревар од финалната серија на плеј-офот, уште еднаш беа подобри од Вардар.

По двете победи на свој терен во Македонска Каменица, кошаркарките кои ги предводи Жаклина Стојановска славеа и „Под Кале“.

Уште еднаш, доста тешко, но заслужено, со резултат (77:74), за макасимални (3-0) во серијата која го даде новиот првак на Македонија.

На тој начин, Баскет кам 2011 стигна до еден историски подвиг кога станува збор за македонската женска кошарка.

Како прва екипа на која и пошло до рака да ги обедини трите круни.

Покрај онаа во Супер купот, потоа и во Купот на Македонија, стигна и шампионската, највредната. Трета за клубот од Македонска Каменица во последните четири години, со што ја потврди доминација во женскиот сегмент на нашата кошарка.

ВАРДАР – БАСКЕТ КАМ 2011    74:77 (0-3)

И третиот натпревар, прв во Скопје, наликуваше на претходните два. Екипата која го брани трофејот имаше постојана предност, која по двете врзани тројки на Зубац во еден момент прерасна и во двоцифрена (45:35).

Но тоа беше и најголемата предност која една од двете екипи ја направи на овој меч. „Вардарки“ немаа намера да се предадат, напротив. До крајот на првото полувреме „се симнаа“ на -6 (39:45), а во периодот кој следуваше по паузата, дојдоа и на само еден поен негатива, (54:55).

На почетокот на последниот период со серија до осум поени, преминаа и во водство (62:60). Но во меѓувреме останаа без две искусни кошаркарки како Наков, а потоа и Деловска, тренерот Александар Ашаданов на располагање имаше  уште пократка ротација.

А кога најмногу беше потребно, на „сцена стапи“ Кметовска, која делуваше незадржливо во моментите на одлука. Го креираше, но и го одбрани она водство од пет поени (77:72), кое Вардар само го намали, но не го достигна во обидот да се избори за уште еден натпревар во серијата.

На овој, освен 23.поени, Кметовска дојде и до 12 скока, одлично издание имаше и Зубац, која постигна 24. поени, додека капитенот Поп Димитровска, освен добрата игра во одбраната, помогна со 12.поени во нападот.

Своето одлично второ полувреме Димитријевиќ го заокружи со 20.реализации, плус шест скока и пет асистенции. По 15. поени за Вардар постигнаа и Зафировска односно Матие, додека пред да ја направи петтата лична грешка, Наков даде десет.

Недоволно за изненадување, Баскет кам 2011 ја одбрани шампионската титула!

Извор: Кошаркарска федерација на Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *