За само две години, од Источниот регион се иселиле над 300 лекари, покажуваат последните податоци од Здружението на приватни лекари на Македонија. Ова е фрапантна бројка, која според трендот на миграција во моментов, се очекува се повеќе да расте.
Во моментов, во Источниот регион, околу 180.000 жители има 443 општи лекари, што е помалку од потребното.
Сличен проблем имаат речиси сите соседни земји, но најизразен е проблемот во Бугарија, каде населението старее, а лекарите леб си бараат надвор од државата :
- Состојбата со лекарската фела е многу застрашувачка. Ние немаме лекари. Од 100 жители на Бугарија, над 60% се луѓе над 50-годишна возраст, тоа е многу страшно, изјави д-р Саби Хаџиев, прет. на Регионална лекарска комора – Благоевградска област.
Еден од начините младите лекари да си ги задржат дома, е преку покачување на почетните плати :
- Младите лекари кои завршуваат во Бугарија пред две години земаа минимална плата. Сојузот на лекари на Бугарија успеа да издејствува младите лекари да земаат пристојна почетна плата, која во моментов е околу 900 лева, со што им се пружа можност и за обука и специјализација, дополни Хаџиев.
Најава за покачување на платите на лекарите имаше и во Македонија, но сеуште не е прецизирано дали тоа ќе важи и за младите лекари или само за специјалистите кои имаат повеќегодишно искуство во јавните здравствени установи во државата.