Новата сезона за ФК Каменица САСА започна со пораз. Второлигашкото патување го започна од Радовиш, каде против ФК Плачковица одигра за минимален пораз од 2:1. Во првиот дел од натпреварот Саса имаше водство од 0:1, но каменичани одиграа многу лошо второ полувреме, примија два гола, при што заработија и непотребен црвен картон.
За вака слабата игра една од причините може да бидат и многуте повреди на клучни играчи во тимот. Списокот на повредени првотимци во редовите на Каменица САСА е долг. Добра вест и олеснување за тренерот и целокупниот Стручен штаб на тимот е што дел од нив постепено се враќаат на тренажниот процес заедно со останатиот дел од екипата. Тука се и неколкуте засилувања кои на тимот му даваат свежина и брзина во играта. Ефтим Аксентиев, Иван Митров, Виктор Марковски и младиот голман Мики Ѓорѓиевски се имињата кои веќе подолг период се дел од составот на Каменица САСА. Деновиве како нови засилувања им се приклучија Драган Паунов и Ријат Агуши. Агуши е играч кој доаѓа од редовите на тетовска Шкендија и треба заедно со Драган Паунов (Осогово) да го засилат средниот ред и нападот на каменичкиот второлигаш. Треба да бидат од особена корист и големо растеретување особено во играта на Иван Митров, како и на останатите играчи од нападот Зоран Златковски и Ефтим Аксентиев.
Од редовите на ФК Каменица САСА во соседно Делчево заминаа Антонио Цветковски и Ѓорѓи Атанасовски. Тие во наредната сезона ќе настапуваат за ФК Брегалница која ќе се натпреварува во Трета лига – Исток.
Наредното коло ФК Каменица САСА го игра на домашен терен против Борец од Велес. Тим што исто така во својот состав донесе многу засилувања и претендира за висок пласман во претстојната сезона.