Почитуван градоначалник, помина 2022 година, што практично беше прва година од Вашиот мандат. Која е Вашата лична оцена, дали сте задоволен од сработеното?
Сметам дека 2022 година ни беше исклучително успешна со оглед на тоа дека успеавме да реализираме неколку големи проекти, кои ќе останат како траен урбан белег на овој град. На мое огромно задоволство, Македонска Каменица доби ултра модерен спортски комплекс на еден крајно запуштен простор кој порано беше гордост на каменичани. Целиот простор го реконструиравме и изградивме модерни спортски терени по највисоки стандарди. Во овој дел од градот ќе продолжиме да инвестираме и тука сакаме да поставиме монтажни тоалети, да изградиме еден мини амфитеатар веднаш под градскиот базен, да ја изградиме улицата која води до комплексот и целиот простор во непосредна близина на базенот да го уредиме преку модерно парковско решение.
Од почеток до крај, изградивме и ново осветлување на кејот на река Каменичка што беше еден од нашите приоритети, проект кој и дава еден модерен лик на нашата Општина. Во наредниот период ќе се посветиме на поставување на нова урбана опрема, како и на изградба на нови атрактивни содржини, кои ќе ги привлекуваат и нашите сограѓани, но и посетители од други градови.
Го завршивме проектот за осветлување на влезовите во Македонска Каменица, за кој поголемиот дел од средствата се обезбедени преку Источно-плански регион и наскоро ова осветлување ќе биде предадено на ЈП ДП кое ќе се грижи за функционирањето на истото.
Деновиве, и официјално ќе биде пуштен во употреба уште еден значаен проект – Кула за рана детекција на шумски пожари, која е прва од ваков вид во државата. Иако овој проект беше комплетно заглавен и неговата реализација беше доведена во прашање, успеавме да го завршиме како што треба и особено сум горд поради тоа. Кулата за рана детекција на шумски пожари е финансирана преку ИПА-Програма за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Македонија, како партнерство помеѓу Општина Невестино и ЈП Камена Река.
Реализиравме уште стотина други проекти, улици, паркинзи, локални патишта, водоводи, канализации, социјални активности, инвестиции и поддршка во образование, спорт, култура и слично, и иако е нескромно слободно можам да кажам дека ова сигурно е најуспешна прва година од мандат на било кој градоначалник на Македонска Каменица досега.
Уште една значајна работа на која посветивме внимание е тоа што заедно со Рудник Саса и една консултантска фирма започнавме да работиме на долгорочен план и стратегија за иднината на Македонска Каменица, нешто што воопшто не беше работено во минатото. Без поставена стратегија овој град ќе нема иднина. Ги утврдивме насоките во кои ќе се развива Општината, и верувам дека тоа е единствен начин да постигнеме долгорочен просперитет и развој. Наскоро пред граѓаните ќе ги презентираме сите идни планови и активности и знам дека ќе наидеме на поддршка затоа што тоа ќе значи дека ќе имаме алтернатива и по функционирањето на Рудник Саса.
Граѓаните се сведоци дека тешко Ви оди комуникацијата со Советот на ЕЛС Македонска Каменица, дека во моментов немате мнозинство и дека Вашите Програми или тешко или воопшто не проаѓаат. Зошто е тоа така и кои се Вашите планови по однос на овие прашања?
Уште на почетокот на мандатот моја определба беше чекор по чекор да се стави крај на партиските поделби, на реваншизам, на политиканство и празна демагогија. Започнавме да работиме на проектите кои најпрвин на сите им изгледаа премногу оптимистички, но еве ние ги завршивме, без преголеми помпи и без преголема реклама меѓу нашите граѓани. Сметам дека дел од причините за овој политички притисок кој се случува, а кој е особено актуелен последниве месеци со носењето на Ребаланс на Буџетот за 2022 година, како и со носењето на Буџетот за 2023 година, е нашиот успех во првата година од мандатот. Обидите да се блокира Општината, да се делува популистички, без да постои било какво разумно објаснување за постапките на Советниците од СДСМ и на двајца од независните Советници, нема да поминат и Општина Македонска Каменица ќе продолжи кон поставените цели. Штетните одлуки кои ги донесоа ќе не чинат многу, и мене како градоначалник, но и граѓаните. Веќе ги разработуваме идните чекори, вовлечени сме во непотребна политичка битка на локално ниво, за која сум убеден дека ќе ја добиеме. И покрај постојаните укажувања од наша страна дека дејствијата кои ги презема новото мнозинство во Советот се штетни и парадоксални, дека ќе водат кон намалување на вработени во јавните претпријатија и институции, дека ќе резултираат со далеку послаб квалитет на услуги кои ги испорачуваме кон граѓаните, не наидовме на разбирање и поддршка. Напротив, со политиканство и заткулисни игри, а во исчекување на предвремени парламентарни избори, се обидуваат да предизвикаат хаотична ситуација. Ние многупати сме биле во политички битки и сме победувале, ќе победиме и овој пат, затоа што народот ја препознава нашата искрена желба за вистински просперитет и развој.
Кои се Вашите планови за 2023 година, Вашите приоритети, кон што сте фокусирани?
Оваа година главен акцент ќе ставиме на инвестиции во Индустриската зона, во проекти од областа на енергетска ефикасност – пред се поставување на фотоволтаични системи на објекти кои се во општинска сопственост, односно во сопственост на јавните претпријатија и институции, во подготовка на комплетна документација за изградба на општинска зграда, дом за стари лица и за изградба на општински центар за услуги на просторот каде што се наоѓа објектот на месната заедница – проект кој е дел од долгорочната стратегија која ја работиме во партнерство со Рудник Саса, преку кој ќе создадеме фонд за поддршка на млади претприемачи и бизниси кои ќе значат иден развој на Македонска Каменица. Планираме да ги изградиме последните неизградени улици во централното градско подрачје, неколку нови патишта во руралните средини, да го решиме проблемот со зафатите за вода во село Цера и село Саса, да ја уредиме новата парцела за градски гробишта во Македонска Каменица, неколку нови паркови и детски игралишта. Финеси му недостасуваат на овој град. Пример, сериозен сообраќаен проект со кој трајно ќе ги решиме проблемите од ваков карактер, стоп за дивоизградените објекти, подигање на јавната свест за заштита на животната средина која ја имаме и слично. Доколку сите заеднички работиме, напредокот би бил видлив за многу краток временски период.
Што ќе им посакате на сограѓаните за празниците?
Во неколку наврати, а и сега ќе им посакам да бидат здрави и живи, полни со елан за успех, среќни и радосни. Нека ги следи мир и спокој, благосостојба и просперитет, и желбите да им се остваруваат. Најбитно од се е да го зачуваме човечното во нас, да се грижиме едни за други и заеднички да се бориме против неприликите.
Нека им се честити и вековите празниците кои ни претстојат!