ЖИТЕЛИТЕ НА БЛАТЕЦ НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ХИДРОЦЕНТРАЛА

Фирмата „Енерџи лукс“ од Штип која треба да ја изгради хидроцентралата е основана само неколку месеци пред да им биде доделена концесијата за изградба на хидроелектраната и е  во сопственост на конфекцијата „Виза Фешн“ од Штип, чиј сопственик е Зоран Андоновски. Ова фирма три пати побарала од Регулаторната комисија за енергетика да им биде продолжен рокот за повластен производител на електрична енергија, а досега немаат изградено ништо.

Жителите на селото Блатец, кое се наоѓа во Општина Виница, утре ќе излезат на протест и со трактори ќе ја блокираат локацијата каде што се очекува да започне изградбата на малата хидроцентрала „Блатошница“ која треба да ја изгради фирмата „Енерџи лукс“ од Штип. Жителите велат дека на овој чекор се одлучиле затоа што надлежните со години немале слух за проблемот со кој се соочуваат селаните од ова село. Тие сметаат дека со изградба на оваа хидроцентрала ќе им пресуши и онака малата количина на вода што ја имаат од селската река Блатошница.

„Оваа река минува низ нашето село и ние со водата од Блатошница го надополнуваме водоводот од кој пиеме вода. Фирмата што треба да ја гради хидроцентралата планира да изгради цевковод долг 3 километри за потребите на хидроцентралата. Ова е проблем затоа што водоводот ни се наоѓа на трасата на цевководот. Исто така, за нас оваа решение претставува проблем  бидејќи реката и онака има малку вода. Ние тука имаме направено и канали за наводнување на нивите кои се наоѓаат од двете страни на реката. Стравуваме дека ќе останеме без вода и дека ќе настане еколошка катастрофа, односно дека дел од реката ќе пресуши“, велат револтираните жители за НОВА.

Тие велат дека фирмата им дала гаранција дека нема да останат без вода, но жителите не веруваат затоа што сметаат дека бизнис интересите на фирмата им се на прво место.

НОВА ТВ се обиде да стапи во контакт со фирмата сопственик на „Енерџи лукс“, но никој не одговараше на телефонските повици.

Жителите велат дека вакви хидроцентрали веќе се изградени во соседните села. Според нив, хидроцентралата што е изградена во селото Градец во 2012 година веќе им прави проблеми на селаните, а онаа на реката Брбушница допринела реката да остане без вода.

Оваа хидроцентрала во 2012 ја изгради компанијата „Мали хидроцентрали ДОО“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

ХИДРОЦЕНТРАЛАТА ЌЕ ЈА ГРАДИ КОНФЕКЦИЈА

Енерџи лукс Дооел“ Штип- е фирмата која во 2012 година заедно со уште 20 компании добила концесија за да изгради мала хидроцентрала на реката Блатешница. Сопственик на оваа фирма е конфекцијата „Виза Фешн Дооел“ исто така од Штип, која подружница има и во Македонска Каменица. Сопственик на конфекцијата и управител на „Енерџи лукс“ е Зоран Андоновски од Штип.

Конфекцијата има долги години искуство во својата работа, формирана е уште во 2006 година, но за разлика од неа, фирмата која треба да ја гради хидроцентралата е основана речиси три месеци пред да ја добие концесијата, што значи без никакво претходно искуство во оваа работа.

 ТРИ ПАТИ ПРОДОЛЖЕН СТАТУСОТ НА ПОВЛАСТЕН ПРОИЗВОДИТЕЛ

Според документите објавени на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика, за изградба на МХЕЦ „Блатешница“,  на 8 мај во 2013 година, Регулаторната комисија за енергетика на „Енерџи лукс“ и доделила привремен статус за повластен производител на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Според Законот за енергетика, ова значи дека фирмата ќе има можност електричната енергија да ја продава по повластена тарифа од тарифник кој го донесува Владата.

Повластениот статус траел до март 2015 година. Истиот ден кога истекувал повластениот статус компанијата побарала и добила продолжување на повластениот статус до почетокот на јануари 2016 година. Бидејќи не го искористиле ниту овој рок, „Енерџи лукс“ на почетокот на јануари 2016 побарале уште едно продолжување на рокот, што е спротивно на членот 4 од првичното решение во кој пишува дека фирмата има само една можност да бара продолжување на повластениот статус.

Откако го добила и последното барање, Комисијата донела одлука да се консултира со Владата пред на истата фирма да и овозможи уште едно продолжување на рокот. По добиено позитивно мислење од Владата, Комисијата рокот го продолжила до јуни 2017, а фирмата сепак, до денеска нема почнато со никакви градежни активности.

Струјата од малите хидроцентрали 20 години ќе ја откупува државната МЕПСО.

Во 2006 ГОДИНА ВМРО-ДПМНЕ НАЈАВИ 400 ХИДРОЦЕНТРАЛИ

Во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ кога дојде на власт најави изградба на 400 мали хидроцентрали. Оваа што треба да се гради на реката Блатошница е една од тие. Договорот за концесија во Министерството за економија го потпишаа заедно 21 фирма кои добија концесија за хидроцентрали.

Заедно со останатите фирми, договор потпиша и сегашниот вицепремиер задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев. Тој тогаш рече дека ова е нивни 10. Договор и дека 3 мали хидроцентрали веќе имаат вклучено во системот. Тој рече дека инвестицијата се враќа за 8-10 години, а договорите за концесија се на 20 години по што се предаваат на државата.

Пишуваат Маја Јовановска и Александра Денковска Гоцевска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *