Денеска се навршуваат 16 години од смртта на Тоше Проески

Денеска се навршуваат 16 години од загинувањето на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, Тоше Проески, кој го загуби својот живот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.

Традиционално, како и во изминатите години маратонците го започнаа својот маратон, за денеска напладне да стигнат во родното Крушево на Тоше.

Маратонците ќе бидат пречекани во Крушево, на Гумење, а на вечното почивалиште на Тоше, ќе му оддадат почит на големиот музичар и хуманитарец, познатата македонска и балканска музичка ѕвезда која ги привлекува обожавателите и почитувачите на неговото дело во Крушево и по 16 години од неговото загинување.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Албумот „The Hardest Thing“ на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран.

Тодор Проески е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче” (1992) каде испеал песна на влашки јазик.

Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест” во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници” беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007 година.

Парите од билетите, кои чинеа симболични 200 денари, беа донирани за петгодишниот проект за основно образование финансиран од УСАИД. Со нив беа реновирани околу 100 училишта во Македонија и беа значаен придонес за спроведување на образовните реформи.

Имал блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори.

Тоше имаше прекрасен однос со своите фанови, а тоа може да го потврди секој што имал прилика да го запознае. Сите го паметиме нашиот Тоше Проески по неговата насмевка и ведриот дух.

Izvor: slobodenpecat.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *