81 годишен старец од делчевски Чифлик секој ден патува до Делчево за да купи леб

По леб во Делчево, скоро секој втор ден доаѓа пешки од делчевски Чифлик, 81-годишниот Томислав. Опремен со зимска облека, стап и ранец, тој поминува по 5 километри, за да стигне во делчевската чаршија.

  • Доаѓам за селото за 1 час и половина, а оттаму за саат оти е удолно. Сите така ми велат ти поарно се да си одиш. Ми велат дека имам 50 години и се да пешачам, изјави Томислав Нацевски.

За него одењето пешки е здравје, но болка му е самотијата. Синот веќе одамна му е во Швајцарија, а ќерката живее во едно делчевско село.

  • Не можам да одам Швајцарија, синот ми викаше, ама јас не можам ќе умрам во авионот, од родниот крај нема поубаво, изјави Томислав Нацевски.

Стариот Томислав е еден од последните селани  на делчевски Чифлик, село кое е најблиску до Делчево, но најдалеку по нормалните услови за живот.

  • Тешко е, има сега само 17 жители, а имаше 30 куќи, сега сите паднаа… Вода имаме од кладенци, син ми ми донесе во црево вода од кладенец во куќата, изјави Томислав Нацевски.

Го оставиваме стариот Томислав да си врви по патот. Гордо исправен со ранец и бастун, чекори во староста која ја живеат голем број осамени старци чии деца се по белиот свет.

Leave a Reply

Your email address will not be published.