УБАВА ВЕСТ: Се рехабилитира патот до домот на семејството Спасевски – дечињата ќе можат непречено да патуваат до своето училиште

Се рехабилитира патот до домот на семејството Спасевски во Марковско маало, село Илиово – дечињата ќе можат непречено да патуваат до своето училиште

 

 

Во делчевското село Илиово се рехабилитира земјениот пат кој води кон Марковско Маало во с.Илиово и домот на семејството Спасевски, чии три дечиња поради лошите услови во изминатиот период не одеа на училиште. Увид на лице место денес направи градоначалникот на Делчево Горан Трајковски, кој рече дека Општината ги презема сите потребни мерки и активности за да овозможи соодветна сообраќајна поврзаност и на најоддалечените и критичните терени во Општината.

-Во моментот интензивно се работи на рехабилитација на земјениот пристапен пат до општинскиот пат Л-10 во с. Илиово кој води до куќата на семејството Спасевски во Марковско Маало. Оваа интервенција треба да ја подобри сообраќајната комуникација до Марковско Маало и да овозможи соодветни услови за превоз на учениците, како и на жителите кои гравитираат на овој дел од селото, рече Трајковски.

 

Рехабилитацијата како што додаде се врши во предвидена должина од 4 км, а опфаќа проширување на планинскиот пат, порамнување и поставување тампон на критичните места од патот.

Семејството Спасевски и нивните три дечиња минатиот месец ги посетивме и ние, при што ја констатиравме лошата состојба на патот, заради што превозникот не беше во можност да ги превезува дечињата до училиштето во Делчево.

-Разговаравме и со семејството и очекувам дека со оваа интервенција на патот ќе ги отстраниме физичките препреки кои се посочени како причина за редовноста на учениците на настава. Во соработка со ООУ „Ванчо Прке“ и во консултации со семејството и претходно баравме алтернативи за решавање на проблемот, но не дадоа резултати. Сега инвестираме во рехабилитацијата на еден од најоддалечените пристапни патишта во општината кој води низ планински терен и до една куќа, а е во должина од 4 километри, додаде Трајковски.

 

 

Учениците според него мора да присуствуваат на настава, потенцирајко дека родителите мора да разберат дека тие имаат и законска и родителска обврска да овозможат нивните деца да посетуваат редовно настава.

Градежните работи за интервенција на патот ги изведува ЕУРО-БЕТОН од с. Град.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *