Топлотните бранови и нивниот удар врз здравјето на човекот

Продолжено е траењето на сезоната на топлотните бранови – Фото: „Нова Македонија“

Истражувања за климата со заеднички резултатски именител: Периодите на екстремно топло време стануваат подолготрајни, почести и поинтензивни

Голем број истражувања покажуваат дека со климатските промени, топлотните бранови станаа подолготрајни, почести и поинтензивни, особено во смисла на т.н. кумулативна топлина

Истражувањата од областа на климата и климатските промени откриваат дека просечниот број на т.н. топлотни бранови се зголемил од вкупно два во 60-тите години на минатиот век на ниво на година, на повеќе од шест во изминатите пет години! Траењето на сезоната на топлотните бранови исто така е продолжено. Имено, бројот на денови меѓу првиот и последниот топлотен бран во годината, исто така се зголемил за 49 дена, мерено и споредувано од 1960 година до денес. Информациите од истражувањата покажуваат дека истото важи и за одредени градови во Македонија.

Кумулативната топлина на брановите се однесува на вкупното количество прекумерна топлина што се акумулира за време на траењето на еден или повеќето топлотни бранови, според индексот. Тоа се пресметува како збир на сите дневни температурни надминувања над одреден праг за време на траењето на топлотниот бран. На пример, ако топлотниот бран трае пет дена, со максимални температури од 35, 38, 37, 36 и 34 Целзиусови степени, а прагот е 30 степени, тогаш дневните надминувања ќе бидат пет, осум, седум, шест и четири степени и кумулативната топлина на тој топлотен бран ќе изнесува 30 степени.

Значително зголемување на фреквенцијата, интензитетот и дополнителната кумулативна топлина на т.н. топлотни бранови

Во комплексот истражувања ја издвојуваме обемната студија објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ во 2020 година, која покажа дека од 1950 година до денес има значително зголемување на фреквенцијата, интензитетот и дополнителната кумулативна топлина на топлотните бранови.

Особено интересен е наодот, според кој, трендовите на зголемување на просечниот интензитет, односно максималните температури за време на топлотните бранови, се особено изразени во Амазон, североисточен Бразил, југоисточниот дел на Јужна Америка, Западна Азија и Медитеранот, кој се смета за една од фокусните точки на климатските промени.

Истражувачите истакнуваат дека и Медитеранот, како и Сибир доживеале сезони во кои топлотните бранови придонеле дополнителни 200 Целзиусови степени кумулативна топлина, а Алјаска 150 степени.

Почестите, подолги и поинтензивни топлотни бранови се еден од главните показатели за климатските промени

Почестите, подолги и поинтензивни топлотни бранови, всушност, се еден од главните показатели за климатските промени и научниците се свесни за тоа уште од 90-тите години на минатиот век. Топлотните бранови и порастот на нивото на морето се двата главни показатела, кои најсилно ги одразуваат климатските промени. За други ефекти, како суши и поплави, има умерени сигнали, што значи дека за нив статистички е потешко да се утврди што е природна варијација, а што нов тренд. Во последно време, сѐ поголемо внимание привлекуваат топлотните бранови во морињата. Тие влијаат на биосферата и рибарството. Н.М.


Топлотните бранови се во тесна врска со зголемениот број смртни случаи

Се проценува дека екстремните горештини предизвикуваат стотици илјади смртни случаи низ светот секоја година. Помеѓу 2000 и 2019 година, просечно биле регистрирани околу 489 илјади смртни случаи поврзани со топлина годишно. Само во Европа, околу 70 илјади повеќе смртни случаи поврзани со топлина биле регистрирани во текот на минатото лето.
– Смртноста поврзана со топлина е зголемена за околу 30 отсто во последните 20 години, во 94 отсто од проучуваните европски региони – објави Светската метеоролошка организација.

Статистиката покажа дека повеќето смртни случаи се забележани на самиот почеток на топлотниот бран. Тогаш умираат луѓе што инаку имале одредени здравствени проблеми или некои хронични болести. Во подоцнежните фази на топлотните бранови нема толку многу смртни случаи.

Порастот на температурите, сепак, не е исклучиво негативен. Неодамна беше објавена анализа што покажа дека денес сè уште повеќе луѓе умираат од студ отколку од жештина. Прашање е, сепак, дали ќе остане така, ако светот дополнително продолжи да се загрева со порастот на температурите.

Извор: Н.М. новамакедонија.ком.мк

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *