Македонска Каменица, 13. Ноември 2024 година – Реновирањето на училишната библиотека и опремувањето на медијатека, како модерен простор за потреби на учениците, е уште еден од проектите кои ги реализира Средно општинско училиште “Миле Јаневски Џингар во Македонска Каменица.
Со реализацијата на овој проект, училиштето добива модерен простор каде учениците ќе можат да реализираат активности со читање, истражување и креативно изразување.
– Медијатеката ќе биде опремена со богат книжевен фонд, литература, енциклопедии, прирачници и речници. Современи технолошки уреди, вклучувајќи смарт телевизори и компјутери со брз интернет. Покрај тоа, тука ќе бидат достапни списанија, брошури и публикации, а просторот ќе биде прилагоден и за состаноци и активности на учениците, создавајќи пријатна и инспиративна средина за нив, – пишува градоначалникот Атанасовски во својата ФБ објава за реализацијата на овој проект во училиштето.
Како што истакна и директорката на училиштето, Данче Гоцевска “реновирањето на училишната библиотека и отворањето на медијатека во училиштето е ново искуство, предизвик и придобивка за сите нас”.
Овој проект, како што стои во соопштението на ФБ од градоначалникот Атанасовски, е резултат на нашата заедничка посветеност да создадеме подобра иднина за младите, вложувајќи во нивното образование и правилен развој. Се надевам, дека новоуредените простории во училиштето, ќе им послужат на учениците и ќе бидат извор на инспирација и знаење на генерациите што доаѓаат.