Серафимов донесе победа за Македонија, одиме скалило погоре во Лигата на нации (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија забележа победа над Летонија (1-0) и по пет кола официјално го обезбеди првото место во групата во Лигата на нациите. Нашиот национален тим се измачи да го скрши гостинскиот отпор на Арената „Тодор Проески“, меѓутоа со голот на Никола Серафимов дојде до трите бода потребни за заверка на водечката позиција во групата 4. Со оваа победа Македонија како ретко кога во историјата врза четири меча без примен гол.

Нашиот селектор тргна офанзивно од првата минута, во нападот со Миовски и Трајковски, со Елмас и Чурлинов по страничните позиции, а централно дејствуваа Барди и Алими. Дефанзивната двоја ја сочинуваа Зајков и Серафимов, со Алиоски и Димоски на бековските позиции и секако Столе меѓу стативите. Тргна Македонија посигурно и поофанзивно од ривалот, повеќе ја имаше топката и се обидуваше да креира, ама Летонците се бранеа со низок блок. Првите обиди беа крај голот, шутна Трајковски од дваесетина метри, а потоа се закани и Чурлинов со глава. На спротивната страна првата шанса гостите ја имаа во 15. минута, по уфрлување Димитриевски не расчисти најдобро и одбиената топка во надворешниот дел од мрежата ја удри Савалниекс.

Делувавме за нијанса подобро од ривалот, но потоа следуваше мал пех со повредата на Ељиф Елмас, кој го напушти теренот во 23. минута и му го отстапи местото на Лирим Ќамили. Иако одигравме квалитетно во последните пет минути, притиснавме и имавме уште две добри шанси преку Трајковски и Алими, сепак резултатот не се промени и на паузата екипите заминаа со почетните 0-0. Вториот дел тргна со наша иницијатива, веднаш добра шанса имаше Бојан Димоски со удар малку над пречката, а потоа следеше и опасно уфрлување пред гостинскиот гол. Резултатот беше отворен во 57. минута, Трајковски нафрли од корнер, првиот обид беше на Зајков, а потоа одбиената топка во гол ја претвори Никола Серафимов со својот дебитантски погодок (1-0).

Во продолжението следеа промени во нашиот тим, Ристовски и Митровски ги заменија Чурлинов и Димоски, а гостите ги искористија сите замени. И покрај тоа Македонија беше поконкретна и поопасна. Темпото на игра малку опадна, ние и понатаму бевме подобар ривал и се заканивме најзрело преку Ќамили. Крилниот фудбалер се проби по десната страна, ама биеше лошо во голманот на гостите. Успеа Летонија да постигне и еден гол, меѓутоа веднаш се огласи помошниот судија за недозволена позиција.

Македонија дојде на 13 бода во групата, Фарски Острови имаат шест, а Ерменија и Летонија по четири.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *