Светот во неделата ја достигна највисоката температура забележана досега

Светот ја достигна највисоката температура досега забележана во неделата, 21 јули, според прелиминарните податоци од „Коперник“, програма на Европската унија за набљудување на Земјата.

Просечната температура на површината во неделата достигна 17,09 степени, што е малку повисоко од претходниот рекорд, забележан во јули минатата година – 17,08 степени.

Во текот на изминатата недела топлотни бранови ги зафатија САД, Европа и Русија, пренесува „Ројтерс“. „Коперник“ потврди за новинската агенција дека се чини дека е соборен минатогодишниот рекорд. Податоците се собираат од 1940 година.

Минатата година Земјата имаше четири рекордни денови по ред, од 3-ти до 6-ти јули. Климатските промени, поттикнати првенствено од согорувањето на фосилните горива, доведоа до екстремни горештини на северната хемисфера, пишува „Ројтерс„.

Од јуни 2023 година, секој месец, 13 од нив по ред, планетата бележи рекордно топли месеци во споредба со истите периоди од претходната година, објави „Коперник“. Некои научници веруваат дека 2024 година ќе ја надмине 2023 година како најтопла година откако се забележани рекордите. Климатските промени и крајот на метеоролошкиот феномен Ел Нино во април годинава дополнително ги зголемија температурите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *