Орце Симов за Магазинтуризам: За силна економија, образованието е клучно – треба да создаде кадри со знаења

За силна економија, образованието е клучно – треба да создаде кадри со знаења

Ако сакаме поголем економски раст, потребни ни се иновации кои генерираат поголема додадена вредност, а и претприемнички дух за да можат иновациите да се комерцијализираат. А тие треба да бидат од областа на технологијата, потребни се технолошки иновации, а за да се случат,  потребно е големо знаење од областа на природните науки, математика, физика, хемија, информатика. Од друга страна, пак, потребни се извонредни кадри и во медицината и во општествените науки. За да е животот на сите граѓани во општеството поквалитетен и посодржаен, потребни се и доктори, економисти, правници, уметници, професионалци во сите области. Со една реченица кажано, на Македонија ѝ се потребни извонредни кадри во секоја област.

За силна економија, потребни се млади со иновативни идеи кои ќе развиваат сопствени бизниси. Но, додека домашните компании се трудат да ги приспособат работниците за пазарот на труд, европските земји ги намамуваат, и тие за подобри услови заминуваат надвор. Сѐ поголемата миграција ја намалува и онака малку стручната работна сила. Како да го добие стопанството потребниот кадар и како да се заштити македонската економија? Експертите сметаат дека за да се постигнат саканите резултати, потребна е многу работа во домашниот двор. Според нив, предуслов за силна економија е население кое верува во институциите, системот и во државата во која живее. Да нема корупција, да има квалитетна јавна администрација која ги задоволува потребите на граѓаните и на стопанството. Само тогаш населението размислува за иновации, инвестиции, претприемништво, унапредување и создавање нова вредност.

„За да ја засилиме нашата економија, потребен ни е поголем економски раст. За да се приближиме кон развиените земји, потребно е да го удвоиме нашиот бруто-домашен производ за 10 години, а за да го постигнеме тоа, потребен ни е раст од најмалку 7% годишно. Потоа, потребно е одреден временски период да го задржиме високото ниво на раст за да бидеме рамноправни членови во друштвото на најразвиените земји. За да можеме тоа да го постигнеме, клучно е постоењето висококвалитетна работна сила која ја гради образованието. Образованието треба да создаде кадри со знаења, аналитички способности, одговорност, изградени процедури за прифаќање нови знаења и други позитивни карактеристики кои ќе овозможат иновации и просперитет во компаниите. Ако не создава такви кадри образованието кај нас, тоа ќе биде оставено на компаниите. Тие ќе треба да ги дообразуваат во поголема мерка вработените, а компаниите не се специјализирани за образование, тие имаат друга дејност. Колку е послабо формалното образование, толку повеќе работа во едуцирање на своите кадри им се остава на компаниите. Поради тоа, нивните перформанси и продуктивност нема да бидат компетитивни споредено со компании кои доаѓаат од средини со подобро образование. Не дека компаниите не треба да вложуваат во развој и во едукација на своите вработени, но формалното образование треба да ги донесе и средношколците и академските граѓани до далеку повисоко ниво од тоа што е денес“, вели универзитетскиот професор и бизнисмен, проф. д-р Орце Симов.

Експертите потсетуваат дека и статистичките податоци потврдуваат дека последните години имаме најмал раст од земјите на Западен Балкан, а тоа се предвидува и за наредните години. Предупредуваат дека ако не промениме нешто, нема да се променат ниту слабите економски резултати. Образованието е тоа што ги произведува идните електроинженери, доктори, правници, машинци, економисти и професионалци од сите други области. Но што ѝ е потребно на нашата земја за да има силна економија?

Симов: „Статистичките податоци потврдуваат дека последните години имаме најмал раст од земјите на Западен Балкан, а тоа се предвидува и за наредните години“ | Извор: nezavisen.mk

Симов: „Статистичките податоци потврдуваат дека последните години имаме најмал раст од земјите на Западен Балкан, а тоа се предвидува и за наредните години“ | Извор: nezavisen.mk

„Ако сакаме поголем економски раст, потребни ни се иновации кои генерираат поголема додадена вредност, а и претприемнички дух за да можат иновациите да се комерцијализираат. А тие треба да бидат од областа на технологијата, потребни се технолошки иновации, а за да се случат,  потребно е големо знаење од областа на природните науки, математика, физика, хемија, информатика. Од друга страна, пак, потребни се извонредни кадри и во медицината и во општествените науки. За да е животот на сите граѓани во општеството поквалитетен и посодржаен, потребни се и доктори, економисти, правници, уметници, професионалци во сите области. Со една реченица кажано, на Македонија ѝ се потребни извонредни кадри во секоја област“,  вели професорот Симов.

За да се случат промените, потребни се промени уште во основното образование. А потоа, следствено ќе се случат и во останатите образовни институции, велат познавачите.

„Промената на професијата, на профилот, не е едноставна работа. Тоа е и финансиски и временски предизвик. Води кон фрустрација на личноста која одбрала некоја професија што не ја сака, кон која нема афинитети и за која нема предиспозиции. Ако заклучи некое лице дека не му одговара професијата што ја одбрало  и за која завршило образование, дека има нешто што повеќе го сака или нешто во кое може да постигне повисоки резултати, тоа води кон две работи. Првата работа е да ја смени професијата низ еден нов образовен циклус, за што се потребни и значителни финансиски средства и временски период од повеќе години, а втората работа е цел живот да работи во област за која нема желба, страст и мотивација.  Ако, пак, во компанија се вработи лице кое има образование за една сфера, а талент и афинитети за друга сфера, за компанијата тоа исто така претставува неповолна состојба, намалена продуктивност и профитабилност. Секој човек има талент за нешто. Општеството е толку подобро колку што поточно ќе го определи вистинскиот талент и вистинското место на секој поединец во системот.  

Фигуративно кажано, не можеме да очекуваме добри резултати ако тој што има предиспозиции за сумо-борач го ставиме да биде спринтер на 100 метри, а тој што има особини за спринтер на 100 метри, го ставиме во тимот за сумо-борачи. Двете лица нема да постигнат добри резултати и ќе бидат незадоволни од своите постигнувања. Треба што порано и што поточно да го определиме полето во кое ученикот може да постигне најдобри резултати и да го насочиме кон таа област. Сметам дека изборот на професијата треба да биде уште во основно или евентуално во средно образование. За време на студиите е веќе доцна“, вели професорот Симов.

Но, Македонија губи речиси секоја летна сезона. Работната сила која ѝ е најпотребна за да ги задоволи потребите на македонското стопанство, на македонските граѓани и особено на туристите, заминува надвор од нашата земја за подобри услови. Како резултат на огромниот извоз на работна сила, паѓа квалитетот на услугите бидејќи нема работници што ќе ја вршат работата. А како да ги задржиме работниците? Тоа е екстремно тешко, е најчестиот одговор и на работодавците и на експертите.

Симов: „Изборот на професијата треба да биде уште во основно или евентуално во средно образвание. За време на студиите е веќе доцна.“ | Извор: a1on.mk

Симов: „Изборот на професијата треба да биде уште во основно или евентуално во средно образвание. За време на студиите е веќе доцна.“ | Извор: a1on.mk

„Еден од најголемите предизвици со кои се соочува македонското стопанство е недостигот од квалификувана и неквалификувана работна сила во сите сектори. Како што спомнавте, особено е изразен овој недостиг во летниот период во угостителството, па и во градежниот сектор. Висината на платите веќе подолг временски период не е главната причина за иселување од Македонија. Првите места на ранг-листата на причини се од друга природа. Во последниот период, за жал, имаме високоситуирани лица и семејства кои ја напуштаат државата. Секојдневно сме сведоци на информации во печатените и електронските медиуми за намален број деца запишани во прво одделение, намален број студенти на факултети, колкав е бројот на лица што ја напуштиле земјата и слично. Оваа година се запишани 580 првачиња  помалку од лани, во последните 5 години се затворени 45 училишта, а бројот на студенти запишани на државниот универзитет Св. Кирил и Методиј 2023/2024 година падна под 5000. Статистиките од демографската област бележат пад и стагнација на бројот на население, со што паѓа и бројот на работоспособното население. Проекциите на Државниот завод за статистика за бројот на население до 2070 година исто така покажуваат односно предвидуваат пад на бројот на населението. Сето ова предизвикува неповолни услови за функционирање на бизнисот, околина за водење бизнис во која главната состојка е во постојан пад. Оваа состојба генерира ефекти што ги намалуваат вредностите на параметрите кои ги покажуваат успехот и напредокот. Причините веќе не се толку финансиски, колку што се незадоволство од нефункционирањето на системот на државата, нефункционалното здравство, образование, судство, голем број неправди, негативна селекција, маргинализација на способните и на успешните. Државните институции сѐ потешко ги исполнуваат и најосновните функции за кои се основани. Сето тоа води кон една разочараност, безидејност, бесперспективност и желба за иселување во земји со функционални системи“, смета  професорот Симов.

Симов: „На македонското стопанство му недостига квалификувана и некфалификувана работна сила во сите сектори.“ | Извор: vnesiboja.mk

Симов: „На македонското стопанство му недостига квалификувана и некфалификувана работна сила во сите сектори.“ | Извор: vnesiboja.mk

Експертите сметаат дека е потребно стратегијата за заштита од недостиг на кадар да биде насочена кон отстранување на причините наведени претходно кои ја предизвикуваат таа состојба. Главните напори треба да бидат насочени кон градење праведен и фер општествен систем, потпирање на најдобрите кадри во сите области, ефикасна јавна администрација и подобрување на квалитетот на образование.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *