Македонска Каменица го одбележува ликот и делото на македонскиот херој Миле Јаневски Џингар


„Синот на скромното семејството на Бранко и на Душка, Миле со својата сопруга и неговиот син единец, го привлече униформата на македонската армија. Се стави како водник во БСН Волци во служба на безбедносните сили во одбрана на територијалниот интегритет на земјата. Таму каде што е потребно, во Тетово и на Шар Планина, Миле е заедно на служба со своите колеги бранители. На 28 април 2001 година, Вејце и настанот на најголемиот вандализам на албанските терористи го прекинуваат животот на водникот Јаневски чија семејна лоза ја продолжува синот додека непреболот трае кај најблиските и сите оние што го познаваа“.
Во негова чест, денес средното општинско училиште СОУ „Миле Јаневски – Џингар“ во неговиот роден град Македонска Каменица го носи неговото име. Миле Јаневски – Џингар посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р Македонија.

Македонска Каменица одбележа 23 години од загинувањето на бранителот Миле Јаневски – Џингар. Централниот настан со полагање цвеќе пред неговата биста се одржа во дворот на Средното општинско училиште кое го носи неговото име, каде беше подготвена пригодна програма. Пред бистите на Миле Јаневски Џингар во училиштето и во Паркот на борците во Македонска Каменица, покрај најблиските од семејството на херојот, свежо цвеќе положија и градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, професори и ученици при СОУ “Миле Јаневски Џингар“, членови на Советот на Општина Македонска Каменица, припадници на единицата „Волци“ и делегација од Армијата на Република Македонија, директори и раководители од институциите во локалната самоуправа, како и претставници од повеќе здруженија на граѓани, друштва и партиски делегации.

Директорката на училиштето Данче Донева Гоцевска, оддавајќи им почит на фаминијата, роднините и пријателите на Јаневски, истакна дека денеска е посебен ден за училиштето бидејќи му се оддава почит на херојот чиј лик и дело ќе живее вечно.

– Ова е ден кога секоја година се потсетуваме на ликот и делото на нашиот херој Миле Јаневски Џингар. На 28 април Миле Јаневски заедно што уште седум припадници на Армијата од единицата Волци загина кај Вејце. Денес, сме тука да му оддадеме почит на Миле и на сите бранители но и на нивните најблиски затоа што тагата треба да се сподели и да чекориме заедно, рече Донева Гоцевска.

Каменичкиот градоначалник Димчо Атнасовски обраќајќи се кон присутните на настанот додаде дека каменичани и роднините на херојот имаат зошто да бидат горди, затоа што имаа храбар човек, сосед и пријател како што е Јаневски.

– Храброста е одлика на мал број на луѓе за мене тој беше еден од нив, рече Атанасовски, додавајќи дека е горд што училиштето го носи неговото име, а неговиот лик и дело ќе останат запаметени и за идните генерации.

Средното општинско училиште во нашиот град, одбележа 14 години од постоењето на училиштето, како самостојно средно општинско училиште Миле Јаневски Џингар.

– Нашето училиште континуирано бележи успеси од самите почетоци на сите полиња и активно учествуваме во различни активности натпреври и проекти. Задоволството е големо кога си раководител на училиште и колектив, каде постојат одлична клима и работа за учење. Постигнатите успеси се заеднички на сите професори, родители и ученици кои како едно семејство даваат придонес во посигнувањето на резултатите, – додаде директорката Донева Гоцевска.

Во чест на херојот, а по повод патрониот празник на каменичката гимназија, беше организиран ликовен и литературен конкурс на тема. Наградите на учесниците во овие конкурси им беа доделени во рамки на свеченоста.

Одбележувањето на патрониот празник продолжи со дневен меморијален турнир во чест на Миле Јаневски Џингар, каде учествуваа екипи од училиштето и припадниците на единицата Волци. Припадниците на единицата Волци, во рамки на свеченоста пред присутните ученици, професори и делегации, како и пред граѓаните на Македонска Каменица изложија дел од опремата и оружјето кое при единицата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *