Македонија одбележува 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација (МРО)

Нека ни е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Денеска се навршуваат 130 години од денот кога во Солун биле поставени темелите на Македонската револуционерна организација. Тоа е државен празник што се одбележува како Ден на македонската револуционерна борба, празник што ги става на пиедестал вековната борба и стремеж на македонскиот народ за формирање независна држава.
На 23 октомври 1893 година во Солун се одржал состанок во кој учествувале д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи, Антон Димитров и домаќинот на средбата Христо Батанџиев. На тој состанок била разгледана општата состојба во Македонија, а присутните заклучиле дека положбата на македонското население е неподнослива и за да се подобри е потребна една планомерна и сериозна акција. Била разгледана и опцијата самата османска власт да ја подобри положбата на христијаните преку реформи, но се согласиле дека тоа е невозможно. Откако ја отфрлиле оваа опција, едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација.
Според Иван Хаџи Николов тогаш, меѓу другото, биле прифатени и начелата основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеат во Македонија, лозинката треба да биде Автономија на Македонија, организацијата треба да биде самостојна и независна – да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави.

„Македонија била и ќе биде за Македонците. Македонија била и останува култ на македонскиот народ, на неговата вера, род, јазик, на моштите на неговите предци и прадедовци. Индивидуалноста на македонскиот народ, која е резултат на еминентни сили што дејствуваат низ вековите, е зачувана до денес и ќе се чува и во иднина. Затоа што во неа живее тој невидлив и неранлив дух што ја води неговата судбина. Токму тој дух, заедно со духот на безбројните херои паднати за слободата на Македонија, кој лебди над нашата прекрасна земја, го чува македонскиот свет оган за слобода, ја чува несебичната љубов на Македонецот кон татковината, несебично да ѝ служи, групиран околу својата веќе историска револуционерна организација, по промисла предодредена со мисијата да ги постигне слободата и независноста на Македонија. На овој начин не само што ќе се создадат правда и правичност за достојниот македонски народ туку ќе се воспостави мир и на Балканот. Денес љубовта на Македонецот кон татковината не е само чувство, туку е заповедничка должност што почива на неговата мисла и волја и ги поттикнува неговите постапки. Оваа национална должност бара строга организација, ред и дисциплина. Македонија ќе се ослободи од денешните тирани владетели со упорната борба на целиот македонски народ. Во сојузот на силите на сите Македонци се нашата сила и нашата победа“ – Христо Татарчев, објавено во весникот „Македонија“ во Софија на 17 декември 1930 година

Прочитај повеќе: novamakedonija.com.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *