Кочани двојно повеќе се загадува од производство на ориз отколку од возилата во градот

Емисијата на стакленички гасови од еден хектар оризово поле, кое се одгледува под вода, е приближно колку едно возило кое поминува 100.000 километри. Ако во Кочани има 3,5 илјади хектари површина под ориз, може да се заклучи дека овој град двојно повеќе загадува со производството на оризот, отколку со возилата кои ги користат неговите жители.

Преку овој пример, директорот на Земјоделскиот институт Виктор Ѓамовски пред учесниците на настанот „Проект NATI00NS – Мисија Договор за почвата за Европа“, укажа дека во земјава сè уште многу малку се води сметка за примената на одржливите практики во агро-секторот, а одговорноста за тоа ја гледа кај институциите.

– Еден од загадувачите е емисијата на стакленички гасови во земјоделството, посебно при одгледувањето на оризот постојано под водна површина. Таквиот начин на производство е главен причинител за емисија на метан. Значи, освен од сточарството, емисијата на метан доаѓа и од оризовите полиња – нагласи директорот.

Директорот нагласува дека Македонија мора во земјоделството да ги имплементира современите технологии кои овозможуваат до 30 отсто намалување на емисијата на метан.

– Една од мерките за намалување на емисијата е производство на ориз со повремено одводнување и наводнување, но кај нас е прашање колку може да се примени, зашто инфраструктурно не сме подготвени за такво нешто, што, пак, не значи дека институционално не можеме да се вложиме во тоа и да го направиме. Не можеме да очекуваме земјоделците да бидат свесни, на сите маки што ги имаат – да произведат и да заработат, последно им е да се грижат за одржлива практика од еколошки аспект. Тука главна улога треба да си земе државата – надлежните министерства, со правилна стратегија и правилно менаџирање – потенцира Ѓамовски.

Во Европа функционираат т.н. живи лаборатории или „светилници на знаење“. Тоа се експериментални места низ Европа, кои се однесуваат на различни сфери – земјоделство, здравството, екологијата, локалната самоуправа, сообраќајот, енергетиката, обновливите извори, соларните панели,… Се обидуваат да ги решат проблемите на граѓаните преку поврзување на науката, индустријата и крајните корисници, во соработка со владите и носителите на одлуки.

Во земјава засега нема ниту една „жива лабораторија“, а во Србија има три. Според Марија Ѓошева-Ковачевиќ од Земјоделскиот институт, „живите лаборатории“ се повеќе од потребни за нашиот земјоделски сектор.

– Нашите земјоделци, на пример, немаат практика да го испитуваат квалитетот на почвата и врз основа на соодветните препораки да го адаптираат начинот на ѓубрење, користењето пестициди, палењето стрништа – објасни Ѓошева-Ковачевиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *