Здружението „Контакт 3“ одржа работилници за емоционална интелигенција за деца во Македонска Каменица и Штип
Македонска Каменица, 09. Ноември 2024 година – Здружението „Контакт 3“ неодамна заврши со циклусот работилници посветени на развивање на емоционалната интелигенција кај децата, организирани во Македонска Каменица и Штип. Во работилниците учествуваа околу 30 деца од овие градови, а процесот го водеа квалификувани стручни лица: Сузана Л.Ефтимова, педагог и гешталт советувач; Ивана А.Мулачка, психолог, социолог и гешталт советувач; и Билјана И.Стојановска, психолог и гешталт советувач.
За време на овие работилници, децата имаа можност да учат важни вештини како што се емпатија, самомотивација, социјални вештини и саморегулација на емоциите. Овие компетенции се клучни за подобрување на емоционалната интелигенција, што е од суштинско значење за психолошкиот развој и здравиот социјален живот на децата.
Тимот на „Контакт 3“ најави дека наскоро планира да започне и со организирање на гешталт работилници за возрасни, што е чекор кон проширување на нивната мисија за поддршка на емоционалното здравје во заедницата.