Денеска се сеќаваме на Вера Јоциќ – нашата храбра партизанка опеана во една од најубавите песни на Ацо Шопов „Очи“

Денеска се сеќаваме на Вера Јоциќ чија храброст е воспеана во една од најубавите песни на Ацо Шопов „Очи“

Оваа година се навршуваат 101 година од раѓањето на Вера Јоциќ, истакнат македонски и југословенски првоборец, која со својата непоколеблива решителност остави длабока трага во историјата на Антифашистичката борба. Родена на 21 август 1923 година во Сингелиќ, Скопско, Вера уште како гимназијалка активно се вклучи во народноослободителното движење, станувајќи членка на СКОЈ и учесник во борбите против окупаторските сили.

По Априлската војна во 1941 година, нејзиното семејство се преселило во Србија, каде што Вера заедно со своите сестри се приклучила на партизанските одреди. Во октомври истата година станала член на КПЈ и активно учествувала во партизанските активности во Ниш и околните региони. Позната по својата храброст и пожртвуваност, таа била заменик политички комесар на Третиот кумановски партизански одред и учествувала во повеќе борби низ Македонија.

Во Пролетната офанзива во 1944 година, Вера го извела својот последен јуриш, каде што била тешко ранета. И покрај напорите на нејзините соборци, починала по три дена кај селото Саса во Македонска Каменица. Нејзиниот живот е симбол на слободарскиот дух, а нејзината пожртвуваност е воспеана во песната „Очи“ на Ацо Шопов.

Денес, нејзиното име живее низ делата на многу генерации. Во чест на нејзиниот придонес, Културно уметничкото друштво во Македонска Каменица, улици во повеќе градови и едно основно училиште во Скопје го носи нејзиното име, потсетувајќи нè на важноста на борбата за слобода, праведност и мир.

Секоја година во Македонска Каменица, на денот од нејзиното загинување 22. Мај се организира свечено положување на свежо цвеќе пред споменикот на Вера Јоциќ во Паркот на Борците и на нејзиното вечно почивалиште во село Саса. Настанот се организира под покровителство на Општина Македонска Каменица.

 


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *