Македонска Каменица, 30.10.2023 година – По денеска одржаната работна средба и прием во кабинетот на градоначалникот на општина Македонска Каменица, на претставници од бранителите на Македонија во воениот конфликт од 2001 година, Атанасовски најави потпишување на Меморандум за соработка.
– Со најдлабока почит и благодарност кон нивниот придонес, личните подвизи и жртви, денеска организирав прием и работна средба со сограѓаните – бранители на Република Македонија од здружението “Братство 2001” во воениот конфликт од 2001 година, – истакнува Атанасовски по работната среба, објаснувајќи дека целта на приемот е продолжување на грижата кон македонскиот национален дух и одбележувањето на значајниот придонес на нашите бранители кон современата историјата на Македонија.
Она што е особено важно, како што истакна Атанасовски, акцентот на работната средба бил ставен на скора изработка на Меморандум за соработка помеѓу бранителите и Општина Македонска Каменица.
– Разговаравме за изнаоѓање на начини за поддршка, поуспешната интеграција и дополнително подобрување на условите за нашите бранители и нивните семејства. Со потпишувањето и спроведувањето на Меморандумот за соработка, сакаме да понудиме конкретни решенија и акции за подигање на нивниот статус на национални херои. Се надеваме на плодна соработка, со која во иднина, заеднички ќе го одиме патот кон подобро и посветло македонско утро, – додава Атанасовски на крајот од изјавата