Владата го објави повикот за доделување средства за проекти за општините

Од вкупно предвидените 250 милиони евра за капитални проекти, со сега распишаниот повик на располагање на општините до крајот на годинава се ставаат шест милијарди денари, односно речиси 100 милиони евра

Најавуваниот проект со кој Владата ќе им додели 250 милиони евра на општините во државата за спроведување на инфраструктурни и капитални проекти денеска и официјално го презентираа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Златко Перински, министер за локална самоуправа / Фото: Влада

Општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје може да аплицираат на отворениот јавен повик за доделување на средствата врз основа на претходно утврдените критериуми и процедури од страна на шесте ресорни министерства од областа на проектите, и тоа – министерството за транспорт, за животна средина и просторно планирање, за образование и наука, за социјална политика, демографија и млади, за спорт и за култура и туризам.

„Апелирам што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците, да учествуваат во овој повик“,

изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата.

Од вкупно предвидените 250 милиони евра за капитални проекти, со сега распишаниот повик на располагање на општините до крајот на годинава се ставаат шест милијарди денари, односно речиси 100 милиони евра.

Општините, како што објави министерот за локална самоуправа Златко Перински, може да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.

Повикот, како што додаде Перински, веќе е отворен и достапен на веб-страниците на Владата и на Министерството за локална самоуправа. Рокот за пополнување на апликацијата е седум дена, која заедно со предлог-проектите, општините треба да ја достават до Министерството за локална самоуправа.

„Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот. Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог-одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог-одлука се доставува на усвојување на владина седница“,

информира министерот за локална самоуправа Златко Перински.

За следење на целиот процес е формирано владино координативно тело што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа, а во кое ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *