Тој е милјардер, а живее како обичен човек

Тој секој понеделник вечера со своите деца и нивните семејства, а секоја среда ја поминува со своите внуци. Генијален инвеститор, бизнис магнат и филантроп – Карлос Слим Елу (77) е најбогатиот човек во Мексико и еден од најбогатите луѓе на светот. Овој скромен милијардер поседува над 200 компании во Мексико, познати и како „Слимландија“, а неговото богатство се проценува на 35,4 милијарди долари.

Што е тоа што го водело овој човек, кој потекнува од една од најсиромашните земји, да изгради деловна империја? Ова е неговата животна приказна. Родителите на Слим се емигранти од Либан, кои се преселиле во Мексико пред неговото раѓање. Тие му всадувале вистински вредности уште од мали нозе, а таткото го учел да чита и да ги инвестира парите. На Карлос затоа семејството му е многу важно, па сѐ уште ја чува куќата во која пораснал, а на канцелариската маса сѐ уште стои фотографијата од неговиот татко. По селењето во Мексико, таткото на Карлос станал многу успешен во трговија и во продажба на недвижности. Починал во 1953 година, а Карлос ја наследил неговата работа. Освен што го сака своето семејство, овој милијардер е многу горд на својата земја.

– Мексико е земја со многу богата култура и историја, секогаш сум го сакал и сум го почитувал тоа – изјави Слим во една пригода.

Карлос завршил на Мексиканскиот државен автономен универзитет, каде што студирал градежништво и дипломирал во 1961 година. По кратко време ја основал својата прва компанија „Инвесор Бурсати“, фирма за осигурување. Иако Слим е најпознат како основач и директор на конгломератот „Групо Сарсо“ и претседавач на телекомуникацискиот гигант „Телмекс“, неговото богатство потекнува од бројни други инвестиции. Слим поседува втемелена стратегија за правење пари: тој откупува фирми кои пропаднале или се во стечај и ги трансформира во мултимилионски компании, кои потоа ги продава и од тоа добива профит. На тој начин ја искористил мексиканската должничка криза во 1982 година и откупил многу пропаднати компании. Во 2009 година Слим му позајмил 250 милиони долари на магазинот „Њујорк тајмс“ и му дал камата од 14 отсто, па на тој начин одлично профитирал од овој договор и станал сопственик на најголемиот дел на акции во компанијата „Тајмс“. Иако сака да живее повлечено, Слим доспеал во центарот на интерес на јавноста во 1991 година, кога се појави на листата на милијардери на „Форбс“, со богатство од 1,7 милијарди долари. Во 2010 година го надмина Бил Гејтс на листата на најбогати луѓе на светот и тоа беше прв пат за 16 години најбогат човек на светот да е некој кој не е од САД.

За Слим граѓаните на Мексико сакаат да кажат дека е насекаде околу нив. Тие се будат на постелина која ја купиле во стоковните куќи на Слим, јадат леб од негови пекари и се возат до работа во возила кои се осигурани во осигурителната куќа на Слим. Поради ова, многумина го критикуваат дека е монополист и дека неговиот метод само доведува до раст на цените и на невработеноста. Карлос не се возбудува многу поради тоа, бидејќи неговото богатство донело и политичко влијание, па на мексиканската Влада не ѝ пречи неговата доминација над телекомуникациската индустрија. Тој исто така тврди дека нема намера да го влоши животот на Мексиканците, туку напротив, негова цел е да помогне и да го решава проблемите во оваа земја. Негова најголема цел е да ја намали сиромаштијата, поради што добил и многу награди за филантропија. Слим не поседува ни јахти, ни авиони. Многу негови пари одат на инвестиции или филантропија, а слаба точка му се кубанските пури и вредни предмети. Тој живее во истата куќа веќе 40 години и не поседува ниту една куќа надвор од Мексико. Сепак, купува недвижности како вид инвестиција, кои потоа ги препродава. Карлос беше во брак со сопругата Сумаја 32 години, но таа почина во 1999 година. Оваа двојка има шест деца, кои ќе го наследат Карлос по неговата смрт. Тој својата прва компанија ја нарекол по сопругата, како и музејот што го отворил во Мексико, а кој содржи најголема колекција на слики на Роден на светот. Се зборува дека по нејзината смрт бил во врска со јорданската кралица Нур, но тие тоа никогаш не го потврдиле, иако често се фотографирале заедно.

Иако држи под контрола повеќето од своите компании, голема одговорност пренесе на своите синови Карлос, Марк Антони и Патрик, како и на зетот Артур. Од 2004 година Карлос реши да се повлече од челното место на своите три најголеми компании, за да им се посвети на своите деца, внуци, на здравјето и на филантропијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *