Под мотото „Скопска линија, европска вожња“, од 9 до 19 ноември, во организација на Младинскиот културен центар – Скопје, ќе се одржи 16-то издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“. Фестивалот ќе биде отворен со шведската сатирична комедија „Плоштадот“, годинешниот победник во Кан, а ќе кулминира со премиерата на „Исцелител“, првенецот на македонскиот режисер Ѓорче Ставревски, по што ќе следува и 10-дневен филмски маратон.
Првите кадри од приказната за „Синедејс 2017“, која овојпат ќе биде распослана од 9 до 19 ноември со 10 дополнителни дена за „филмскиот маратон“, што подразбира дека на радост на зависниците ќе потрае дури до самиот крај на „мустаќестиот месец“, велат вака: 135 филмови во неколку веќе познати селекции, седум големи и фантастични концерти, четири работилници и традиционално огромен број на гости… И, како појаснување, а во „недостаток од метро или тролејбус во градов кој се уште и предолго го милува кандидатскиот статус за метропола“, како што ќе речат организаторите – Младински културен центар, 16 издание на Фестивалот за европски ќе се одвива под мотото „Скопска линија, европска вожња“. На здравје!
И, разглобувањето го вели следново. „Гала програмата“ и оваа година изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… Од вкупно 20 филмови, љубителите на европскиот филм ќе можат да погледнат остварувања како „Среќен крај“ на Мајкл Ханеке, „Од никаде“ на Фатих Акин, „24 кадри“ од Абас Киаростами (воедно и неговиот последен филм), „Убиството на светиот елен“ од Јоргос Лантимос, „Двојниот љубовник” на Франсоа Озон и „Мојот Годар” на Мајкл Хазанавициус, кои се дел и од специјалната програма „Француски прозорец кон светот“, „Мајка” на Дарен Аронофски…и многу други наслови кои буквално ги „собраа“ сите европски и светски филмски награди.
Потписниците на Фестивалот притоа посебно ја издвојуваат и премиерата на филмот „Пченица” на култниот турски режисер Семи Капланоглу, кој не само што ќе биде почесен гостин на фестивалот, туку и Претседател на жирито во Официјалната селекција.
Не помал интерес кај сладокусците се очекува да предизвикаат и филмовите кои Берн Будер и овојпат („традиционално“) ги стокми за „Официјалната селекција“ и програмата „CINEBALKAN“. Така во првата ќе може да се проследат дела како „Плоштад Америка“ на Јанис Сакаридис, „Бодкин рас“ на Кавех Модири, „Срце од камен“ на Гудмундур Арнан Гудмунсон …а во втората, ајде да речеме регионалната, филмови како „Сина тишина“ на Булент Озтурк, „Ветер“ на Тамара Дракулиќ, „Зора“ на Гентиан Коци и други.
По завршувањето на филмските проекции од овие две програмски целини, е планирано да следуваат сесиите на „прашања и одговори“ на кои поклониците на седмата уметност ќе имаат можност да разговара со режисери, продуценти, директори на фотографија, актери, кои ќе бидат гости на овогодишното издание на Фестивалот, пракса, со која потписниците на случувањето со години се обидуваат да ја доближат филмската уметност поблиску до публиката.
Од друга страна, и во случајов со особено внимание е сторен и одбирот на музички документарни филмови, па така ќе имаме можност да проследиме остварувања како „Бркајќи го Трејн: Документарец за Џон Колтрејн“ на Џон Шеинфилд, или „Броење во есен“ на култниот словенечки кантавтор Марко Брецељ, како и „Плукни и на вистината во очи“ на Варја Мочник – филм насловен по дебитанскиот албум на своевремено една од посебностите на југословенската рок сцена – БУЛДОЖЕР, бендот во кој тогаш пејач и најистурен беше погореспоменатиот Брецељ, „Забрањено пушење во Сараево“ на Џанлука Лофредо, потем и „Штрак! Психодуховната мантра на рокот“ на Барни Клеј… и така со ред.
А, задоволството да биде комплетно ( „оргазмично“) оваа селекција е дирекно врзана со серијата на седум големи и фантастични концерти на современи бендови и артисти меѓу кои „повратниците во МКЦ“ – Американците CHKCHKCHK, нивната сонародничка Зола Хесус, потем Криста Бел – „музата на Дејвид Линч“, норвежаните JAGGA JAZZIST…
Интересно е и тоа што во соработка со Шведската амбасада во Скопје – воедно и во активистичкиот дух на Фестивалот, планирана е и реализацијата на филмска програма со најновите остварувања од тамошната кинематографија, преку популарната програма „Земја во фокусот“
Не помалку содржини се планирани и во придружната програма, па така и овојпат ќе биде доделена наградата за филмска критика чија мисија е да ги охрабри студентите по новинарство, оние по филм, и воопшто, сите критички настроени филмски ентузијасти да напишат рецензии за филмовите што ги проследиле на фестивалот, а згора на тоа ќе бидат реализирани и работилниците за скриниг техники на снимање аудиции и филмови ( ќе ја води познатата кастинг агентка Ненси Бишоп), онаа за промена на планови во еден кадар, како вид монтажа ( традиционално со режисерот Мирослав Момчиловиќ), „Нарација: Како можеме да изградиме цврсти наративи за филмови?“ и „Јас снимив филм, никогаш нема да го видите освен ако…“ за која ќе се погрижи италијанската режисерка и сценаристка Клаудија Тоси во соработка со EWA Eurpean Womans Audiovisial Network.
Новина е и програмата кратко наречена CINEDAYS +, а во рамките на Студентската програма, ќе бидат прикажани повеќе од 50 студентски филмови од регионалните филмски академии, каде жирито составено од македонската актерка Наташа Петровиќ, режисерката Марија Апчевска и кураторот на меѓународниот фестивал на кратки филмови “2Annas”, Лајма Граждановича ќе одлучат за најдоброто дело и ќе доделат награда од симболични 30.000 денари.
„И кога сите мислите и конечно оддишувате дека ова е крајот, 9-19 ноември, CINEDAYS тимот кон сите вас е крајно безобѕирен, дрзок и безмилосен и веќе од 20 ноември, понеделник, до 29 ноември, ви нуди ФИЛМСКИ МАРАТОН. 24 часа, ден и ноќ, без престан, 10 дни по ред, во нашето интимно, Џебно кино во МКЦ! Проекциите започнуваат во 9 изутрина, последната дневна проекција е во 3 часот по полноќ, а на секои 3 часа започнува проекција на филм, вели Златко Стефковски, директор на Младински културен центар.
Тој дополнува дека секој ден од Филмскиот маратон чиј куратор е критичарот Влатко Галевски претставува засебна тематска целина, а ќе бидат прикажани светски класици, најпознати филмски наслови, легендарни филмови битни за конкретниот жанр и тоа: вестерни, драми/романси, контроверзни, трилери, научно-фантастични филмови, еротски, уметнички (арт) филмови, акциони, хорори и комедии, а дел од проекциите во ударните термини ќе бидат проследени и со гости, за дебата по проекцијата на филмот.
И конечно, и во оваа пригода ќе има фонд за награди од по 300.000 денари за најдобриот филм во Официјалната селекција и во СинеБалкан, а ќе се доделуваат и награди за најдобра филмска критика за филмовите што се прикажуваат на фестивалот.