Силно невреме во Кочани и Виница, стара електрична инсталација предизвикала пожар во село Жиганци

Силно невреме, проследено со ветер, дожд, град и кратки атмосферски електрични празнења го зафати доцна попладнево подрачјето на Кочани и Виница.

Бурата што траеше петнаесетина минути предизвика помала материјална штета на кровните конструкции на неколку објекти, а од врнежите од град со големина на лешник оштетени се овошки и градинарските култури.

Поради силниот ветер искри од старата електрична мрежа предизвикале пожар во дворно место во село Жиганци, во близина на повеќе куќи, каде што се запалила сува трева. За кратко време, поради силниот ветер, пожарот се проширил наоколу. Со брза интервенција на селаните пожарот е изгаснат. На местото на настанот подоцна пристигнале и екипи на полицијата и противпожарни екипи.

Пожарникарите успешно интервенирале и при гаснење на пожар што се проширил од кочанската комунална депонија кај селото Бели, која чади неколку денови, при што огнот зафатил сува трева и нискостеблести растенија во околината на оваа локација.

Izvor: brif.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *