Приказна од мојот крај: Убиството на Усеин Чауш во Чорбаџиско маало, с. Луковица (1908) – втор дел

…веќе следното утро турскиот аскер бил насекаде низ околните села. Тодоровци и Луковица целите биле под целосна опсада. Под дрво и под камен го барале нивниот, веќе убиен големец Усеин Чауш. Потерата влегла во секое маало и во секоја куќа, тоа донело многу лелек и мака на многу невини фамилии и селани. Но, со трагот турската војска стигнала до соседното село Тодоровци во домот на некој си Ампо што живеел во тамошното маало Албанци. Тој знаел дека комитите се веќе во Чорбаџиско маало и го чекале во заседа Усеин Чауш, но сакајќи да му наштети на чорбачијата Стоимен (татко на веќе спомнатиот Ѓорѓи) намерно не го предупредува Усеин Чауш да не оди во тоа маало. Тоа според турскиот аскер била неговата вина, заради која бил одведен од аскерот.

dav
dav

Следејќи го трагот турскиот аскер стигнал до Чорбаџиското маало, од каде како осомничени биле одведени и Стоимен со неговите синови Ѓорѓи и Јанѓел на суд во тогашниот турски судски и административен центар – Пехчево. Таму веќе биле одведени и измачувани за признание погоре спомнатиот Ампо и еден од неговите измеќари. Признал дека знаел за заседата на комитите и својата намера директно да му наштети на чорбаџијата Стоимен. Со тоа се чекало само признание на Стоимен или на некој од неговите синови дека убиството било извршено во нивната куќа и сите тогаш затворени да бидат осудени на смрт со бесење. Но, до тоа не дошло. Па наговор и совет од војник во турскиот затвор никако и ништо да не признаваат бидејќи со тоа турската војска ќе им ги уништи домовите и фамилиите, таткото и синовите не ја признале вината. Напротив, иако мачени и тепани, тие биле единствени во кажувањето дека Усеин Чауш таа вечер не дошол во нивниот дом. Распитот траел неколку денови, а за целото тоа време, иако стара и во години, Вена – жена на Стоимен цело време со плач го чекала исходот од распитот и судењето на своите синови и домаќинот нејзин пред затворот и судот во Пехчево. На самото судење таа со плач и лелек ја вади шамијата од својата глава и ја фрла на земја пред нозете на судијата, знаела дека тоа во турскиот свет било знак дека е искрена во кажувањето и дека со тоа моли за прошка и милост на своите деца. Биле привремено ослободени од оптужба, но биле задржани во затвор додека да заврши бесењето на другите осомничени Ампо и неговиот помошник ( не се знае точно неговото име) кои веќе биле осудени на смрт со бесење. Според турските верувања, ако осуденикот после бесењето со телото биде свртен кон “заода” ( запад) тој е виновен, а ако телото му биде свртено кон “изгрева” (исток) тогаш обесениот бил невин. Биле обесени и двајцата, Ампо после бесењето бил свртен кон запад, а измеќарот свртен кон исток ( тој не знаел ништо). Иако Ампо до последен здив ги повторувал зборовите ” мамката ваша мрсна, тапанот да чука во Тодоровци, а орото да се игра во Луковица…”, но за Турците тоа било доволен доказ дека виновникот е пронајден и другите затвореници се вратиле дома…(продолжува)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *