Приказна за Калата

Една од најстарите и најдобро утврдени населби која опстојувала многу долго време, но истовремено и една од најенигматичните населби, е населбата позната под името „Калата“. Градот имал огромно стратегиско значење, сообраќајна важност и богати рудни наоѓалишта на злато, сребро и бакар во блиската околина, за кои сведочат огромните купишта на згура надвор од градските ѕидини. За таквото значење на градот и ден-денес сведочат масивните одбранбени заштитни ѕидови, дебели и до 3 метри, изѕидани со малтер од вар.

Но, сторијата да биде покомплетна, ќе ја опишеме и локацијата на градот. Тој се наоѓал во средорекот заграден од реките Брегалница и Каменичка Река, наспроти денешното село Дулица, на каменест гребен, вештачки пресечен од источниот дел каде се наоѓал главниот влез на градот. Покрај јавните порти, постоеле и тајни тунели за напуштање на градот. Еден од тајните тунели бил од јужната страна на тврдината и подземно водел до Гоелемиот вир-вртлог сместен меѓу повисоки карпи. Тој служел за тајно снабдување на градот со вода во кризни времиња, кои во минатото биле доста чести.

Летно време, Калата се снабдувала со млеко на оригинален начин, со млековод направен од керамички ќунци. Млеководот започнувал од Сива Кобила, каде се наоѓале најубавите и пространи пасишта и бил долг околу 10 километри.

Градот бил многу убав и внатрешно убаво уреден. Во центарот се наоѓал плоштад, обиколен со аристократски палати и храмови, од кои некои биле украсени со мермерни статуи. Улиците биле поплочени, со канализација, а имало и многу трговски и занаетчиски дуќани.

Уште една исклучителна мистерија за градот е дека подземно имало направено гробови со керамички плочки поставени во правец север-југ.

Заградениот град не можел да ги задоволи просторните и градежните апетити, па околината изобилувала со многу градби: владетелски палати, стопански објекти, храмови, јавни и тајни гробници. Таква позната градба била и голема црква изградена кај дебелиот даб. Во гробниците кои случајно се откриени се пронајдени богати прилози на покојникот, како бронзено оружје, монети, керамички садови, бронзени двоколки и други ритуални предмети. Како остаток од една таква гробница е пронајден раритетен меч кој денес е значаен музејски експонат.

Овој град кој опстојувал многу долго време, запустел во времето на Османлиското ропство, најверојатно од болеста чума. По Втората светска војна, Дуличани си го поделиле некогашниот град, започнале да го чистат од шутот и ѕидиштата, за да направат обработливи земјоделски површини. При раскопувањето пронаоѓале керамички садови, пехари, оружје, монети, предмети од метал и друго. За тоа дознале властите и понатамошното раскопување било стопирано и забрането и така си останало речиси до денес.

 

  • Автор на текстот е Стефан Манасиев (текстот е извадок од „Калата, девојката Руса и Бабин вир“ – Легенди за Ѕвегор и Пијанецот (2009, Кочани)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *