ПОЧНУВА БОГОРОДИЧНИОТ ПОСТ

За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

Богородичниот, односно Успенскиот пост настапува еден месец по празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле, а пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка (познат во нашиот народ и како Голема Богородица). Успенскиот пост трае две седмици, од 14/1 август, до 27/14 август. За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, овој пост не започнува секогаш од понеделник, односно неговиот почеток може да се случи во кој било ден од седмицата. Овие пости не се толку строги како Великиот, но се построги од Петровденскиот и Божикниот пост. Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, а во саботите и неделите се дозволува вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога во храмовите се осветува грозјето, Црквата нe задолжува да се воздржуваме од тој плод. На празникот Преображение Господово, според црковниот типик на трпезата се дозволува риба.

Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите. Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна исповед во земјава

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *