Политичките последици за Велика Британија од брегзитот

581038_3375419392396_969643210_nНикола Ќурчиски
24. VI. 2016 – Москва

Брегзитот долета на крилјата од подршката на националистите во Британија. Профилот на тие гласачи е: постари луѓе, без високо образование, со традиционални вредности, кои сакајќи да ја ‘вратат‘ националната гордост, интегритетот и политичката моќ на Британија, всушност го направија спротивното.

Политичките последици кои ќе треба да ги плати Британија може да бидат катастрофални, односно Британија се соочува со предизвикот да престане да постои како таква. Шкотска и Северна Ирска веднаш го отворија прашањето за независност од Велика Британија, бидејќи тие субјекти на сегешната федерација гласаа за останување во ЕУ. Ако пред 2 години Британија за влакно се спаси од референдумот во Шкотска, сега ќе биде далеку потешко доколку има нов референдум за независност.

Со излегувањето од ЕУ, Британија ја губи и политичката моќ за донесување решенија внатре во ЕУ, но и политичката моќ глобално во светот неповратно ќе и се намали. Нема повеќе да биде во Европскиот Парламент, во Советот на Министри, со еден збор ќе излезе од институциите на ЕУ и ќе остане да делува како единка во глобалниот свет. Само еден пример овде ќе посочам, тоа се санкциите од ЕУ кон Русија. Одлучувачки фактор за воведувањето на санкциите од ЕУ кон Русија беше токму притисокот кој го изврши Британија внатре во ЕУ, па така им наложи на сите земји членки да воведат санкции кон Русија. Инаку доколку беше оставено се на Германија, веројатно ќе немаше или ќе имаше многу поблаги санкции. Од сега натаму Британија веќе нема да го има тоа влијание со кое ќе може да наметне на земји од ЕУ да ги следат чекорите на Британија, туку единствено ќе може да делува унилатерално.

Британија е главен сојузник на САД во Европа, преку кој САД го наметнуваше своето влијание на стариот континент. Сега и САД ќе мора да бара нов партнер преку кој ќе ги остварува своите интереси во Европа, а со тоа Островот ќе изгуби голем дел од политичката моќ која ја имаше врз САД. Тој партнер веројатно ќе биде Германија, која ни оддаелку не е толку лојален партнер на САД колку што е Британија, па оттука главните ресурсите на САД ќе бидат насочени од Британија кон Германија или евентуално друга/и ЕУ земји.

Економските последици се исто така многу големи како и политичките. Економската моќ на Британија ќе се намали, вредноста на фунтата веќе падна, стандардот на граѓаните по дифолт ќе стане помал, ќе се укинат многу работни места, дури може британската економија да влезе и во рецесија. Денес политичките интереси во најголем дел се остваруваат преку економската моќ на државата, а веројатно Велика Британија после Брегзитот нема да го има ни едното ни другото како до сега што го имаше.

На крај, ваков е епилогот од национализмот и националистите кои понесени од своите подгреани чуства и плиткиот квантум на знаење можат рационално да направат анализа за последиците од нивните дејствија. За жал таквата одлука ќе нанесе штета на цела Европа, вклучувајќи ја и Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *