Кожарците и текстилците и понатаму на просјачки стап. Платите им се на половина од просечните.
На крајот од месецот, овие работници дома си одат со одвај 11.800, односно 13.000 денари, што е за двапати помалку од статистички пресметаната плата во Државата, која изнесува 22.300 денари:
- Платите се катастрофа, не ми се ни зборе за нив. Работеш цел месец, а дома однесеш плата за пет дена, вели вработена во кожарска фабрика.
Платата е за двапати помала од просечната, но дури за три пати пониска од просечната потрошувачка кошница, која за потребите на семејство од четири члена е пресметана на 32.000 денари:
- Какви 32.000 денари, ние тие пари не ги земеме за работа за три месеци, рече вработена во кожарска фабрика.
Зошто во овие сектори, платите се толку ниски, економско образложение има:
- Таа е ниско акумултаивна гранка која вработува работна сила и има повеќе социјални аспекти на работењето, отколку чисто економски, објасни Глигор Ивановски, економист.
Но ова, малку им значи на работниците , кои за својот труд сакаат повеќе пари. Имали шанси нив и да ги добијат:
- Таа плата мора да биде адекватна со продуктивноста. Доколку се зголеми продуктивноста, ќе се зголемат и платите, рече Ангел Димитровски, прет. на Организација на работодавачи на РМ.
Инаку, во кожарскиот и текстилниот сектор, во Македонија работат околу 60.000 работници или 42 отсто од вкупно вработените во индустријата, кои лани реализирале 16,6 отсто од вкупниот македонски извоз. На ниво на регион , нивниот број е околу 12.000.