Пет години казна затвор за изборни нерегуларности

Затворски казни до пет години за изборни нерегуларности

Со Кривичниот законик се определени затворски казни за сторени кривични дела поврзани со изборите.

Казна затвор од три до пет години ќе му биде изречена на лице кое сторило спречување на изборите и гласањето, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, злоупотреба на избирачкото право, поткуп на гласачите, повреда на тајноста на гласањето, уништување на изборни исправи или изборна измама.

Во член 158 е регулирано спречување на избори и гласање:

Тој што со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин оневозможува или спречува одржување избори или гласање или го оневозможува или спречува утврдувањето или објавувањето на резултатите од гласањето, ќе се казни со затвор од најмалку три години.(2) Тој што ќе го стори делото од став 1 со употреба на оружје, експлозивни или други опасни направи, со примена на насилство спрема две или повеќе лица или во организирана група, или на подрачјето на две или повеќе избирачки места, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Со член 159 е регулирана повреда на избирачкото право:

Член на изборен орган или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со затвор најмалку три години.(2) Со казната од став 1 ќе се казни и член на избирачки одбор, изборна комисија или одбор за спроведување референдум или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, на противзаконит начин ќе му овозможи на друг да користи избирачко право, иако знае дека тоа лице нема такво право.(3) Обидот е казнив.

Член 160 се однесува на повреда на слободата на определување на избирачите:

Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор најмалку три години. (2) Ако делото од став 1 го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Со членот 161 е регулирана злоупотреба на избирачкото право:

Тој што на избори или гласање ќе гласа наместо друг или ќе гласа повеќе од еднаш, ќе се казни со затвор најмалку три години. (2)Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе земе учество на изборите или гласањето, иако знае дека нема избирачко право.(3) Обидот е казнив.

Со член 162 се однесува на поткуп на гласачите:

Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга лична корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор најмалку пет години. (2) Со казната од ставот (1) ќе се казни и лице со избирачко право кое ќе бара за себе подарок или друга корист или ќе прими подарок или друга корист, за да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право. (3) Ако делото од став 1 го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Со членот 163 се однесува на повреда на тајноста на гласањето:

Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со затвор најмалку три години. (2) Ако делото од став 1 го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку пет години. (3) Со казната од став 2 ќе се казни и тој што со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службена, работна или економска зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали гласал или како гласал.

Со член 164 е регулирано прашањето на уништување на изборни исправи:

Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да биде неупотреблива исправа, книга или спис што служи за изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку три години. (2) Ако делото од став 1 го стори член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Членот 165 се однеусва на изборна измама:

Член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повеќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатите од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *